Угостителите бараат да прекине забраната за семејни прослави во рестораните

Почнувајќи од 15.03.2020, угостителски објекти за организирани настани, речиси една година немаат протокол за отпочнување својата дејност.

Сопствениците денес одржаа прес-конференција на која истакнаа дека бараат итно укинување на членот  14 од Уредбата излезена во Службен весник на 23.06.2020 со која “се забранува организирање на секаков вид настани (свадби, крштевки, родендени), во отворен и затворен дел од објектот”.

-Како угостителски објекти, апелираме до Владата, да не ги држиме во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона како и претходната. Да спречиме да ни се повтори минатогодишниот пропуст, каде што младоженците беа принудени своите свадбени церемонии да ги прават во сопствените дворови и изнајмени викендици, без притоа да имаат можност да се примени соодветен протокол со дистанца и без потребните хигиенско- санитарни услови.  Ние како ресторани кои се категоризирани објекти за организирани настани, располагаме со големи капацитети, имаме соодветна квадратура и можност да спроведеме организиран настан, со што би се запазиле сите веќе усвоени протоколи и според кои веќе функционираат останатите A la carte ресторани со ограничено работно време, истакнаа тие.

Тие се единствени економски оператори кои имаат 11 месеци забрана за работа, а користеа парцијална државна помош во поддршката за плати и придонеси, која траеше само 6 месеци.

-Воедно, исплатата на еднократна парична помош во вид на грант, со максимален износ од 10.000 евра, изнесува 2-4 % од вкупно остварениот промет во 2019 година, што претставува и минимална помош во сервисирање на нашите трошоци со оглед на големината и квадратурата на објектите со кои управуваме. Споредбено со регионот, ние сме единствена земја која не доби протокол за организирани настани а поддршката субвенционирање на плати и придонеси, како и еднократниот грант, е убедливо најниска директна помош во нашиот сектор во регионот. Ние будно ја следиме епидемиолошката состојба во државата, и сме свесни дека во овој момент не може да се вратиме на истите услови на функционирање како во 2019 година, но од исклучителна важност за нашата дејност имајќи го во предвид сезонскиот карактер, е потребна временска динамика на фазно донесување протоколи за отпочнување со работа. Тоа би ја олеснило одлуката на младоженците за одбирање на погоден датум за организирање на својата веселба, а воедно би било од големо значење и за комплементарните дејности поврзани со нашата индустрија како што се : музичари, фотографи, слаткарници, цвеќари, модни дизајнери и ателјеа, шминкери, декоратери, велат членовите при Туристичко-угостителската комора.

Порачуваат: „Овие барања се од суштинско значење за нашиот опстанок. Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и дозвола за работа како и останатите ресторани. Доколку не добиеме позитивен одговор  и нашите барања не се усвојат, следниот чекор идната недела ќе биде масовен протест“.