Угостителите ѝ даваат рок на Владата до 25-ти јануари да ги усвои сите нивни барања

78

Во соопштението на Независната угостителска комора (НУК) и здруженијата Клуб еснаф од Битола, Прилепски меанџии, Тиквешки угостители од Кавадарци, Бисер од Куманово, ЗУТ Крушево од Крушево, Антигонеа од Неготино и Охридски еснаф од Охрид, се вели дека на Владата ѝ се дава рок до 25-ти јануари да ги усвои сите нивни барања и да донесе одлуки со кои ќе креира посебни економски мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија.

Угостителите бараат континуирана помош – безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто плати додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки односно протоколите за работа на угостителски објекти или до официјално завршување на пандемијата ковид-19. Директна неповратна финансиска помош – грант за сите угостители по принципот на доделена ваква помош за ноќните клубови и категоризираните ресторани.

Бараат и безусловна достапност на угостителската дејност до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на тековна ликвидност и унапредување на угостителството или побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема со која угостителите ќе можат да добијат државни гаранции врз основ на кои ќе можат во банките да се задолжат со долгорочни поволни комерцијални кредити со грејс периоди за надминување на проблемите со ликвидноста.

Изедначување на ДДВ за угостителски услуги согласно ветувањата на 10 отсто на сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти, исто така, е меѓу барањата упатени до Владата.

Покрај тоа, угостителите бараат и одложување и репрограмирање на извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија, односно трансформација на секое извршно решение во решенија за исплата на рати со грејс период или наплата по завршување на пандемијата ковид-19.

Од НУК посочуваат дека „трпението на угостителите кои чекаат средба со Владата за економските мерки е при крај“. Тие очекуваат Владата да ги прифати овие мерки и да се применат по кратка постапка, со цел да се помогне на угостителството коешто е пред колапс.

„Владата задно со Министерството за економија и Министерството за финансии во целост ја носат обврската и одговорноста за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата ковид-19. Владата со одлуките од последната седница докажа и покажа ако сака, кога сака има и услови и можности и начини по кратки постапки да креира безусловни посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош на индустриите погодени од пандемијата ковид-19“, соопшти НУК.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.