Угостителско-туристичкиот сектор бара бесплатни ПЦР тестови за странските туристи

Итна операционализација на мерката бесплатни ПЦР тестови за странските државјани кои ќе докажат туристички или деловен престој во земјава со хотелска сметка или ваучер издаден од туристичка агенција, бара Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Оваа мерка, потсетува Здружението, е дел од петтиот антикризен пакет што го усвои Владата и е донесена на барање на бизнис секторот.

– Владата го препозна значењето и потребата од ваков тип поддршка. Но, она што сакаме да укажеме е дека е потребна итна операционализација за мерката да има позитивен ефект – рече денеска на прес-конференција заменик-претседателот на Здружението, Александар Кузмановски.

Здружението има и конкретен предлог како да се спроведе ваквата поддршка.

– За организирани туристички групи тестовите да бидат земени во објектот каде е сместена групата по упатено барање од страна на сместувачкиот објект, а резултатите да бидат издадени на англиски јазик во рок од 24 часа. Тестовите да бидат овозможени за државјаните на земјите на кои ќе им бидат потребни при влез назад во матичната држава. Засега, единствени валидни тестови според СЗО се ПЦР кои до моментов се задолжителни за влез во државите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија и Грција, но и во државите кои не се членки на ЕУ, а кои се од значење за нашата економија и туризам, како Турција и Израел – истакна Кузмановски.

Според Здружението, треба да се подготват и протоколи за дејствување во случај на позитивни резултати од направениот ПЦР тест.

– Хотелите да издвојат пет отсто од вкупниот капацитет (најмалку две и најмногу 10 соби) за изолација на лица со позитивен резултат, а најблиската градска или локална болница да ја следи здравствената состојба на позитивното лице до негово оздравување. Во случај на потребна медицинска нега лицето да биде згрижено во најблискиот КОВИД центар на товар на ФЗОМ. При вакви околности и во случај на делумно субвенционирани тестови или ограничена цена која нема да надминува 1.200 денари, домашните и странските партнери ќе бидат во можност да ги споделат трошоците за КОВИД тестот и сето тоа да се направи низ безбедна и утврдена процедура која ќе овозможи зголемена деловна активност и проодност на патници, но и организирани туристички движења – објасни заменик-претседателот на Здружението.