Југот на Европа се бори со пожари, северот се опоравува од поплавите

Шумските пожари, засилени од високите температури и силните топли ветрови во понеделникот ја пустошат јужна Европа, додека некои од северните земји на континентот ги расчистуваат сведоштвата од смртоносните поплави по викендот со обилни врнежи.

Во Грција премиерот Киријакос Миџцотакис изјави дека пожарникарите во последните 24 часа се справувале со 50 пожари, а веројатно ваквите стихии ќе ги има повеќе бидејќи метеоролозите најавуваат нови топлотни бранови.

„Сакам да истакнам дека август секогаш е најтешкиот месец. Затоа за нас е вежно, за сите државни служби, да бидеме целосно во приправност додека периодот на пожарите формално не заврши“, рече Мицотакис.

Противпожарните служби соопштија дека неколку пожари биле предизвикани од невнимание на фарми и градилишта, и дека многу се случиле на Пелопонез. Засега нема извештаи за смртно настрадани или повредени.

Состојбата во јужна Европа е дијаментрално спротивна со обилните дождови кои ги погодина пред десетина дена северните земји од Австрија до Велика Британија по катастрофалните смртоносни поплави во Германија, Белгија и Холандија, во кои досега се потврдени околу 230 жртви.

На италијанскиот остров Сардинија противпожарните авиони од Франција и до Грција ја зајакнаа локалната летачка флотила во справувањето со пожарите во кои изгореле повеќе од 4.000 хектари површина, стотици животни угинаа а малку помалку од илјада луѓе мораа да бидат евакуирани.

На другиот италијански остров Сицилија, пожари избувнаа во близина на градот Ериче, на западот од островот, пренесуваат во понеделникот локалните медиуми.

Во Шпанија во североисточниот регион Каталонија изгореле повеќе од 1.500 хектари во близина на градот Санта Колома де Квералт, а повеќе десетици луѓе морале да бидат евакуирани. Меѓутоа, 90 отсто од пожарите во понеделникот биле ставени под контрола, соопштија локалните власти и противпожарната служба.

Во Леиторо, во централниот шпански регион Кастиља-Ла Манча, во текот на изминатиот викенд опожарени биле повеќе од 2.500 хектари, според локалните власти.

Досега годинава во Шпанија се опожарени 35.000 хектари, но за среќа тоа сѐ уште е значително од 138.000 хектари колку што беа опустошени во огнените стихии во 2012 година, најлошата година во минатата деценија.