УЈП: Досега 143.343 граѓани поднеле годишна даночна пријава

До Управата за јавни приходи досега се поднесени 143.343 годишни даночни пријави од кои што 1.082 се поднесени по електронски пат, рече денеска портпаролката на УЈП, Весна Новаковиќ.

„Според последните податоци на Управата за јавни приходи граѓаните доставиле 143 илјади годишни даночни пријави, односно ги пријавиле своите дополнителни приходи во УЈП. На големо задоволство би кажале дека со пупштањето во употреба на електронскиот систем за даночни сервиси над илјада граѓани својата годишна даночна пријава ја доставиле по електронски пат преку системот е-даноци“, рече Новаковиќ.

Таа потенцираше дека последниот рок е 15-ти март, а тоа е сабота и е неработен ден, автоматски крајниот рок за пријавување односно за поднесување годипшна даночна пријава ќе се помести за понеделник.

Сите граѓани кои што не ја исполниле својата обврска, годишната даночна пријава ќе можат да ја поднесат и во понеделник во даночните канцеларии.

За оние граѓани, како што рече Новаковиќ, кои што живеат, работат и студираат во Скопје, но се од друг град наместо да патуваат за да ја поднесат пријавата, своите приходи можат да ги пријават во Контакт центарот кој што ќе работи и утре од девет до 20 часот.