УЈП нема да казнува за долг од еден денар

Илјадници граѓани деновиве почнаа да ги добиваат даночните решенија од Управата за јавни приходи, која ги известува дека должат денар, два за персонален данок на доход. И вообичаено како и изминатите години, повторно паника и реакции. Граѓаните што добиле вакви решенија велат дека нема смисла да се малтретираат за еден денар долг и оти повеќе ќе ги чинат банкарските провизии за уплатата. Од Управата за јавни приходи открија дека вакви решенија испратиле до 26 илјади граѓани што добиле известување за даночна обврска од еден денар. Од таму ги повикуваат овие граѓани да дојдат во УЈП за да се среди нивната даночна состојба. Граѓаните пак паника ги фаќа и од самата помисла дека им должат макар и денар на даночниците, пишува „Дневник“.

„Деновиве добив решение од УЈП дека должам два денара за персонален данок на доход за 2012 година. Бев шокирана од каде излезе тој долг. Најверојатно не се совпаднале пресметките на сметководителот и Управата. Според мои претпоставки, овој проблем го прават 50-те дени, тој половина денар што се појавува при пресметките, а крајно се заокружува. Нема смисла, бидејќи за банкарски провизии треба да платам повеќе од тоа што должам“, вели Ана од Скопје, една од многуте граѓани што добиле вакво решение, весникот.

И други граѓани се обратија до редакцијата на „Дневник“ за помош. Велат дека ваквите решенија им станале редовна пракса изминатите години.

„Секоја година, без прескокнување добивам вакво решение и коса ми се крева кога ќе го видам. Знам дека се`е регуларно сум пријавил во Годишната даночна пријава, но ме изненадува податокот дека повторно ми вадат минимален долг од еден-два денара. Мислам дека повеќе ги чини известувањето од долгот што треба да го наплатат“, вели Јован од Скопје за весникот.

Од УЈП се децидни дека граѓаните само треба да се појават на нивните шалтери за да расчистат со долгот.

„Околу 26 илјади граѓани добиле известување за даночна обврска од 1 денар. Ги повикувам во УЈП за да се среди нивната даночна состојба, по што ќе им биде кажано дека веќе не должат ништо. Не казнуваме никогаш за еден денар“, изјави Горан Трајковски, директор на УЈП, на неодамнешната прес-конференција кога се сумираа билансите за тоа која била највисока исплатена плата во 2012 година.

Инаку изминатите години големи реакции во јавноста предизвикуваа баш овие даночни решенија со кои се регистрира минимален долг. Ако во почетокот Управата инсистираше дека данок си е данок и оти мора да се плати, макар бил и од еден денар, сега веќе и даночниците попуштија и се децидни дека најверојатно само се работи за несовпаѓање во податоците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.