УЈП потсетува на регистрацијата за „е-персонален данок“ до крајот на годинава

Досега 70 отсто од очекуваните преку 96.000 даночни обврзници во Прилепската регионална дирекција на УЈП електронски се регистрирале на е-персонален данок и поднеле формулар до регионалната дирекција што е околу републичкиот просек, информираат од Регионалната дирекција во Прилеп. Таа е една од шесте во земјава, во која спаѓаат 13 општини, и тоа: Велес, Кавадарци, Крушево, Македонски Брод, Неготино, Прилеп, Градско, Демир Капија, Долнени, Кривогаштани, Пласница, Росоман и Чашка.

Според Дајана Танеска, регионален портпарол, процентот е на задоволително ниво и потсетува дека даночните обврзници електронското регистрирање може да го направат до крајот на годинава.

– Процентот е на солидно ниво, а процесот се одвива преку валидна електронска пошта. Оние што го немаат тоа направено, имаат можност брзо да ја отворат електронската пошта или да најдат полномошник за тоа. Пензионерите се ослободени од обврската, вели Танеска.

Според општини, во Велес се регистрирале 71 отсто, во Кавадарци и во Неготино 70 проценти, во Крушево 60, во Македонски Брод и Демир Капија се регистрирале 78 отсто, во Прилеп се регистринаи 65 проценти, во Градско 69, во Долнени 41 процент, во Кривогаштани 52, во Пласница – 75 проценти, во Росоман  81, а во општина  Чашка се регистрирале 86 отсто од даночните обврзници.

Прилепската регионална дирекција им помага на поголемите правни субјекти, посетувајќи ги и упатувајќи ги граѓаните како да ја направат регистрацијата.

– Од практиката се покажа како најголем проблем што поголемиот број граѓани, особено повозрасните, немаат отворено електронска пошта. Им се објаснува како тоа да го направат за да ја решат дилемата и што побрзо да ја извршат регистрацијата, вели Танеска.

УЈП од 1 јануари до 30 април 2019 година на граѓаните ќе им испраќа пополнета годишна даночна пријава. До крајот на мај наредната година, граѓаните ќе имаат можност да ја потврдат или да ја коригираат пријавата. Со тоа ќе имаат контрола на уплаќањата или евентуалната злоупотреба на нивните податоци.