Ѓукановиќ: Ќе создадеме автокефална православна црква во Црна Гора за Црногорците

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, рече дека е можно црногорските влaстит по обновата на државната самостојност, да ја обноват и православната црква која ќе стане автокефална и признаена, нарекувајќи ги постапките на Српската православна црква (СПЦ) во неговата земја – „циркус“.

„Понудивме решение дa постои православна црква која ќе ги собере сите православни верници во Црна Гора. Ако Српската православна црква го одбие тоа, ќе биде црква на српските граѓани во Црна Гора. Но, ние ќе создадеме црква за Црногорците. Ќе се потрудиме таквата црква да биде автокефална и признаена“, рече Ѓукановиќ на прес-конференција по повод две години од стапувањето на должноста.

Тој ги квалификуваше како циркус протестите на Српската православна црква по повод усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед во Црна Гора.

„Српската православна црква нема право нејзините достоинственици да го водат, како што велат тие, побунетиот народ. Доста е од тој циркус. Ќе мора да бидат тоа што им доликува: религиозна заедница која ќе биде дел од општеството и ниту еден милиметар повеќе од тоа“, рече Ѓукановиќ.

Тој посочи дека нема сомнеж оти Законот за слобода на вероисповед отворил многу прашања, односно дека некои излегле на површина.

Овој закон, меѓу другото, ја регулира сопственоста на имотот на верските заедници и предвидува сите верски објекти кои претставуваат културно наследство, а биле сопственост на Црна Гора пред губењето на нејзината независност во 1918 година, а кои подоцна не станале сопственост на религиозните заедници по соодвети правни процедури, да бидат признаени како државен имот.

Ѓукановиќ нагласи дека она што било земено од црногорската држава во минатиот век ќе биде вратено назад.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.