Ѓукановиќ со најмногу мандати, неизвесно е дали ќе обезбеди мнозинство за влада

Социјалистите преводени од Мило Ѓукановиќ освоија најмногу мандати, но аналитичарите оценуваат дека тешко ќе се состави мнозинство

По одржаните парламентарни избори во Црна Гора Централната изборна комисија, чија веб страница беше хакирана, утринава ги соопшти конечните резултати – победник е ДПС со освоени 35,10%, а во врат им дише опозициската „За иднината на Црна Гора“, со освоени десет илјади гласови помалку.

Преточено во мандати, Ѓукановиќ, заедно со партиите на малцинствата, кои му се традиционални партнери, освојува 40 пратенички места, додека пак трите опозициски партии – 41, во Собранието кое брои 81 пратеник. Сепак, лидерот на социјалистите, кој ја предводи државата безмалку три децении, посочи дека борбата за мнозинство се уште трае.

„Каква и да е нашата позиција утре во црногорскиот Парламент, ДПС ќе остане непоколеблив борец за европската иднина на Црна Гора. Сакам да верувам дека независно од конечното пребројување на гласовите така и ќе остане. Сакам да верувам дека Црна Гора ќе остане стабилно општество, дека Црна Гора ќе остане држава на мултиетничка демократија со посебна чувствителност за правата на малцинствата.“

Медиумите блиски до владејачката партија објавија дека опозициските сили, на терен биле поддржувани од СПЦ и додаваат дека за време на славењето скандирале „Косово е Србија“.

Претседателот на „Иднината за Црна Гора“, пак, Здравко Кривокапиќ е уверен дека опозицијата доаѓа на власт, велејќи – режимот падна.

„Сите кои се одговорни за оваа состојба во државата, состојба на безнадежност, мораат да сносат одговорност. Не може како досега да има неодговорност и неказнивост. Сите граѓани на Црна Гора нека останат дома и нека не наседнуваат на можните провокации.“

Инаку токму додека опозицијата славеше во Никшиќ, автомобил влета во толпата, тешко повредени нема, а возачот е приведен.

Излезноста на изборите беше рекордно висока – 76%, а с поред европскиот известувач во земјата, Тонино Пицула, тоа се должи на политичката поларизација во земјата и порача да се продолжат веќе започнатите преговори со ЕУ.