Њукасл во Лига на шампионите, Лестер кон испаѓање

Фудбалерите на Њукасл Јунајтед осигураа пласман во Лигата на шампионите, откако во понеделникот вечерта во мечот од 37-то коло на англиското првенство на својот „Сен Џејмс Парк“ одиграа без голови со Лестер Сити.

Домашните беа поблиску до победата, но дури трипати ја погодија стативата. Во 41 минута Калум Вилсон ја погоди левата статива, две минути подоцна Михиел Армирон ја погоди десната, а рамката на голот во 72 минута ја погоди и Бруно Гимараеш. Најдобрата шанса гостите ја имаа во втората минута од судиското продолжение на мечот. Џејмс Медисон нафрли од десната страна, Тимоти Кастање одлично шутираше, но Ник Поиуп фантастично реагираше. Тоа беше првиот и единствен шут на Лестер во рамките на голот на Њукасл.

Со овој бод „Страчките“ на коло пред крајот на сезоната му побегнаа на петтопласираниот Ливерпул на недостижни четири бодови предност.

На врвот е старо-новиот шампион Манчестер Сити со 88 бодови, Арсенал е втор со 81 бод, додека Њукасл е трет со 70 бодови. Следат Манчестер Јунајтед со 69 и Ливерпул со 66 бодови.

.Од друга страна, Лестер сите е сега во речиси безизлезна ситуација, на чекор од пласманот во понизок ранг.

Лестер напредуваше едно место на табелата и сега е 18-ти со 31 бод, но и натаму е во зоната на испаѓање, а ист број бодови има и Лидс Јунајтед кој е место подолу. Пред нив е Евертон со два бода повеќе. Меѓу овие три тима ќе се бараат двата кои ќе му се придружат на Саутемптон во понискиот ранг.

Евертон во последното коло игра дома со Борнмут, Лестер го пречекува Вест Хем, додека Лидс дома ќе се соочи со Тотенхем.