УКИМ денеска избира нов ректор

Универзитетот „Кирил и Методиј“ денеска избира ректор кој треба да го замени актуелниот Никола Јанкуловски. Гласањето ќе се одржи на 23 факултети и пет институти во состав на УКИМ. Ќе се гласа од 12 до 14 часот а гласањето ќе се спроведе тајно. Новиот ректор ќе биде на функција во период од три години и тоа од 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година. Во Единствениот избирачки список на УКИМ, утврден од Универзитетската изборна комисија, запишани се 1.419 гласачи.

Вработените по факултетите ќе избираат од еден од шесте кандидати за ректор на УКИМ, колку што и се пријавија на огласот. Тие се Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, Биљана Ангелова од Економскиот институт, Ратко Дуев од Филозофскиот факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Димитар Ташковски од ФЕИТ.

По 14 часот, кога ќе заврши гласањето, изборните единици ќе ги пратат резултатите до Универзитетската изборна комисија. Според роковникот за организирање на изборите, комисијата до крајот на денот треба да ги објави резултатите од тајното гласање. Потоа ќе следува период за поднесување приговори во рок од три работни дена (31 мај – 5 јуни до 16 часот). Откако ќе бидат разгледани евентуални приговори, УИК на 6 јуни ќе ги објави конечните резултати.

 

 

Доколку на некои единици во состав на УКИМ е потребно прегласување, повторното гласање ќе се организира на 9 јуни. По законскиот рок од три дена за приговори, конечните резултати за избор на ректор ќе бидат објавени на 15 јуни.

Кандидатот што ќе биде избран, од септември ќе го наследи актуелниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ректор на Скопскиот универзитет ја извршуваше два мандата. Поради Законот за високо образование, донесен во 2018 година, ректорските избори првпат се спроведуваат во согласност со новиот Закон. Тука е Статутот на УКИМ, чии измени беа изгласани во јуни 2018 година. Според овие два документа, ректорските избори треба да се спроведат. Пренесуваме дел од процедурите што мора да се почитуваат.

Според Закон за високо образование (член 97), ректорот е раководен орган, кој го претставува и застапува универзитетот во земјата и во странство. Тој се избира од редот на редовните професори со објавување јавен оглас, има мандат од три години, со право на уште на еден избор. Ректорот се избира на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците. Сенатот формира Универзитетска изборна комисија (УИК) составена од седум сенатори, која ја цени исполнетоста на условите за избор на ректор и уредноста на пријавата, ја утврдува листата со кандидати на ректор и ги сумира резултатите од гласањето за избор на ректор. Секој кандидат за ректор може да овласти набљудувачи на работата на УИК.

Наставно-научниот, научниот или наставничкиот совет на единицата избира петчлена комисија која го спроведува гласањето на единицата на универзитетот. Секој кандидат за ректор може да овласти набљудувачи на процесот на гласање на секоја единица на универзитетот. Освоениот број гласови на секој кандидат на секоја единица посебно се изразува во проценти од вкупниот број важечки гласови на единицата и се множи со бројот на сенаторите кои ги избира единицата. Така се добива бројот на поени што ги освоил секој од кандидатите.

Во Статутот на УКИМ пишува дека ректорот, по правило, стапува на должност на почетокот на учебната година. На денот на стапувањето на должност на новоизбраниот ректор, примопредавањето на должноста се врши на свечен начин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.