Укинати пунктовите за тестирање за Ковид-19, од понеделник тестови само во ЦЈЗ

„Мој термин“ ги укина пунктовите за тестирање за Ковид-19 во Скопје и матичните лекари ги извести дека од понеделник ПЦР тест ќе се прави само во просториите на Центар за јавно здравје. За тестирањето е неопходен упат од матичен лекар, а право на бесплатен тест имаат само пациенти сомнителни на Ковид – 19. Досега матичните лекари издаваа упати и за лица кои не се сомнителни за Ковид – 19, но потребен им е негативен резултат од ковид – тест поради операции или различни интервенции.

Од понеделник такви пациенти нема да добиваат упати, а од Комисијата за заразни болести велат дека во никој случај пациентите не треба да издвојат пари од свој џеб за да се тестираат.

„Веќе пет месеци препорачуваме да не се бара тестирање пред операции, а последната одлука на ’Мој термин’ во никој случај не значи дека пациентите отсега ќе треба сами да плаќаат за тестирањето. Напротив, ние како Комисија за заразни болести препорачавме дека таков тест не е неопходен и оставивме можност оние кои сепак ќе инсистираат на тестирање, тоа да го направат со брзи тестови, во самата институција во која се прави интервенцијата. На сите им беа поделени по 500 брзи тестови за да се скрати постапката пред интервенциите и да им се олесни на пациентите. Оваа одлука на ’Мој термин’ се повикува на истата препорака од пред пет месеци, нова не сме донеле“, вели Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести за „Макфакс“.

Пациентите со закажани операции, досега најчесто плаќаа за тестирањето за Ковид – 19, и покрај тоа што матичните лекари можеа да им издадат упати и тестот да го направат на државен трошок. За да го избегнат тешкото усогласување на термините за тестирање со терминот за операција, најчесто одлучуваа да платат за ПРЦ-тестот оти тестирањето во приватните лаборатории не се закажува и резултат го добиваа истиот ден.

Според последната објава на Институтот за јавно здравје, бројот на тестирани лица за Ковид – 19 за периодот од 13 до 19 февруари, бележи мал пораст во споредба со претходната недела. Од 13 до 19 февруари тестирани биле 2511 лица од кои 119 биле позитивни на коронавирусот. Во истиот период пријавени се две починати лица.