Укинувањето на вонредната состојба не може да е почеток на изборниот период

По лидерската средба вчера, претседателот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека всушност иборите се прогласени, а ВМРО-ДПМНЕ само купува време.

„Ако нема трета вонредна состојба, избори би можело да има на 8 јуни. Ако се прогласи нова вонредна состојба од триесет дена, изборите би се одржале на 7 јули. Ако се направи прогласување на вонредна состојба од две седмици,  изборите би биле на 21 јуни, а ако има вонредна состојба уште една седмица би биле на 14 јуни.
Се договоривме дека дури и изборите да бидат на 14 јуни има доволно време за да се испрати покана до ОБСЕ и да имаме набљудувачка мисија“, изјави Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ го демантираат и велат дека изборите не може да се прогласени, кога договор за датум нема, а датумот пред се зависи од три фактори: Оценка за здравствената состојба од Комисијата за заразни болести, мислење од ДИК за превземање на дејствија и подготовка за избори, како и обезбедување на набљудувачи на изборите од ОБСЕ и ОДИХР кои ќе обезбедат целосно покривање и мониторинг на мисијата.

„Целосно е невистинито тврдењето на Заев и Спасовски дека изборните дејствија продолжувааг онаму каде застанаа последниот пат по прогласување на вонредната состојба. Ова не може да е така поради фактот што и двајцата се согласија дека ДИК треба да даде своја проценка за потребното време за подготовка на изборите под услов да има зелено светло од комисијата за заразни болести дека има услови за непречена кампања и објективно потребното време на ДИК за прочистување на избирачкиот список, организирање на самите изборни дејствија и условите кои треба да се обезбедат. Тој рок е минимум шеесетина дена од денот на распишувањето на изборите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму не се согласуваат и со тврдењето на Заев дека укинувањето на вонредната состојба ќе значи и веднаш почеток на изборен период. Тоа не може да се толкува на тој начин, и преставува противправно толкување на изборниот законик.

Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, на средбата Зоран Заев покажал незрело однесување кон јавниот интерес и бесчуствителност кон заштитата на здравјето на граѓаните.

„За Заев лидерската средба се претвори во политиканство, и во борба за помал пораз, а не и во суштина. Добро е што е прифатен планот на Мицкоски во 4 точки со што ќе се гарантира здравјето на граѓаните. Уште подобро ќе биде Заев на ова да пристапи сериозно и зрело, наместо калкулантски во обид да спаси нешто од последните денови на својата кариера. Ова не е борба за потесен пораз на Заев туку борба за заштита на здравјето на граѓаните. Нокаутот од народот за Заев на изборите не му бега, кога и тие да се случат, но сега е најважно здравјето на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.