Украден сеф од Клиниката за инфективни болести

Украден сеф од Клиниката за инфективни болести. Како што информира МВР, вчера во времето од 15.00 до 19.30 часот непознат сторител  извршил кражба во Клиниката за инфективни болести.

Крадецот, најверојатно со автомобил влегол во кругот на Клиничкиот центар и дошол до Клиниката за инфективни болести, каде со употреба на погоден алат ги пресекол металните прачки од заштитната метална решетка на прозорецот од благајната.

Откако го отворил прозорецот, крадецот влегол внатре и одзел сеф, во кој имало 16.000 денари, банкноти и кованици во разни апоени од поранешна СФРЈ, три картички од по 5.000 денари за точење гориво во „Макпетрол“, фискална каса непозната марка, магнетна картичка за влез во Клиниката и беџ за идентификација на име на Р. Д. и друго, а потоа заминал во непознат правец.

На тој начин тој се стекнал со противправна имотна корист од околу 86.000 денари. СВР Скопје презема мерки за пронаоѓање на сторителот.