Украдени златни монети вредни милиони евра од музеј во Германија

Крадци кои провалиле во музеј во градот Манхинг во Горна Баварија побегнале со келтски златни монети чијашто вредност се проценува на повеќе милиони евра, откако ги прекинале локалните телефонски и интернет врски.

Вработените во Римско-келтскиот музеј во Манхинг, во близина на градот Инголштад, во вторникот забележале дека во текот на изминатата ноќ е скршена витрина и дека е украдена колекцијата од 450 монети, соопшти баварската полиција, пренесува агенцијата AFP.

Истрагата засега не објавува други поединости за околностите во врска со грабежот, но локалните власти истакнуваат дека имало прекин во телефонските и интернет услугите.

„Тие го отсекоа целиот Манхинг. Музејот е објект со висока безбедност, но сите врски со полицијата беа прекинати“, изјавил за весникот Sueddeutsche Zeitung, градоначалникот Херберт Нерб.

Оценил дека веројатно станува збор за „професионалци“, а исчезнувањето на музејското богатство го опишува како „целосна катастрофа“ за овој баварски град.

Колекцијата од златни монети е највредната поставка на Римско-келтскиот музеј во Манхинг. Збирката е откриена во 1999 година а е изложена во 2006 година. Станува збор за најголемото откритие на келтско злато во минатиот век.

Оваа област некогаш била место на голема келтска населба позната како Опидиум Манхинга. Археолозите продолжуваат со активно истражување на оваа област, а баварското Биро за заштита на историјата го смета за едно од најважните археолошки наоѓалиште северно од Алпите.

Монетите датираат од III век пред нашата ера и имаат вредност од „неколку милиони евра“, според баварската полиција.

„Загубата на келтското богатство претставува катастрофа. Тоа е доказ за нашата историја, и како такви златниците се незаменливи“, изјавил за германската новинска агенција DPA, баварскиот министер за наука и уметност, Маркус Блуме.

Кражбата на келтските монети е последниот во серијата големи грабежи во музеи во Германија. Во друг грабеж на нумизматички вредности, во 2017 година од престижниот берлински музеј „Бодо“ беше украден „големиот јаворов лист“, кој се смета за втор по големина златник во светот.

Крадци, исто така, во 20189 година од Кралскиот дворец во Дрезден однесоа 21 парче накит и други вредни предмети во дрска ноќна провала во музејот „Зелениот трезор“. Германските власти веруваат дека припадници на позната криминална група составена од членови на едно семејство го извршиле тој грабеж.

Од скапоценостите досега нема никаква трага, а меѓу нив е и меч со рачка опточена со дијамант и дел со бел дијамант од 49 карати. Стручњаците за осигурување сметаат дека пленот од Дрезден чини 113,8 милиони евра, а германските медиуми го нарекуваат „најголемиот грабеж на уметнички дела во модерната историја“.