Изминатиов вторник се навршија 1.000 денови од руската инвазија врз Украина. Меѓународно-правно нелегитимниот напад од страна на Русија, ја предизвика солидарноста на членките на НАТО, но и некој други држави, отворено да застанат на страната на Украина. На површината излегоа сите можни предизвици со кои се соочува човештвото, но и длабоката поделба помеѓу глобалниот Север и глобалниот Југ. Поделба која најјасно се гледа во завршниот документ на земјите членки на групата Г-20, која изминатиов понеделник и вторник заседваше, на највисоко ниво, во Бразил. Во него нема осуда за руската агресија, само укажување на хуманитарната катастраофа која се случува во Украина. А, таа е огромна.
Според податоците на Обединетите Нации скоро 40% од населението во Украина има потреба од хуманитарна помош. Објавените бројки зборуваат за над 12.000 загинати цивили. Бројот на загинатите и ранетите војници, разбирливо, не се објавува. Разрушени се повеќе од два милиона живеалишта и околу 2.000 здравствени установи. Според податоците на Светска банка, во моментов за обнова на државата потребни се околу 500 милијарди долари. Оваа бројка секој ден расте. Украина во моментов се соочува со најголема енергетска криза во својата историја. Скоро 70% од нејзините енергетски капацитети се уништени. И оваа бројка постојано се зголемува. Само во ноќта помеѓу изминатава недела и понеделник, Русија со над двеста дронови и крстосувачки ракети, повторно ги нападна енергетските капацитети во државата. Најмасовен напад од почетокот на инвазијата. Проценка е дека недостатокот на електрина енергиjа ќе предизвика нов бран на бегалци. Внатрешно, моментно, се раселени околу 3,6 милиона жители. Во странство таа бројка изнесува скоро седум милиони. До овој момент хуманитарните организации имаат потрошено околу 1,8 милијарди долари. Итно им требаат уште петстотини милиони за да ги ублажат страдањата на цивилите, до крајот на годинава. Нивните трауми, како и постојано живеење во страв од евентуална несакана нуклеарна катастраофа, како резултат на удар врз некоја од атомските централи, не можат да се пресметаат во бројки. Исто како и психичката состојба на ветераните и ранетите војници.
За разлика од завршниот документ на групата Г-20, останатите чинители на меѓународната сцена, на различен начин ги одбележаа овие 1.000 денови. Одбележувањето прв го започна германскиот канцелар Шолц, кој на свое барање, оствари телефонски разговор со претседателот Путин. Прв ваков разговор помеѓу двајцата лидери по цели две години апстиненција. Германската страна, во соопштението, од овој разговор, беше исклучиво штура. Таа се задржа на општо познатите германски ставови во однос на војната. Кремљ беше подетален. Во неговото соопштение се истакнува дека разговорот траел еден час, дека Путин ги повторил ставовите за мирно решавање на конфликтот, при што требало да се земат во предвид руските безбедносни барања, правата на Русите во Украина, како и задржување на освоените територии. Дополнително, според соопштението, Путин ја истакнал подготвеноста на Русија, по завршување на војната да ја продолжи економската соработка со Германија, доколку таа е заинтересирана за тоа. На крајот Путин го информирал својот соговорник за руските напори за решавање на кризата на Блискиот исток. Разговоров, иако од германска страна беше најавен претходно, предизвика реакции помеѓу сојузниците. Најголемиот број беа негативни. Медиумите го обвинија Шолц дека ја прекршил меѓународната изолација на претседателот Путин. Најдалеку отиде украинскиот претседател, кој го обвини германскиот канцелар дека ја отворил Пандорината кутија.
Реално гледано овој разговор не заслужуваше толкаво внимание. Канцеларот Шолц е во заминување. Тој во овој момент нема што да му понуди на Путин. И тој тоа го знаеше. Разговорот доминантно беше за домашна употреба. Пред изборите во јануари, да покаже дека Германија е таа која сака мир, а Путин го одбива. Путин од своја страна го прифати овој разговор, само и само за да ја повтори својата позиција во однос на Украина, но и да му покаже на светот дека без разговори со него нема да има мир во Украина. Дополнително за да покаже пред домашната, но и светската јавност дека Русија не е меѓународно изолирана. Напротив таа е активен чинител и работи на решавање на конфликтот на Блискиот исток. Во ова има и голема доза на зајадливост! Германија е маргинализирана во овој процес.
Полскиот државен врв, за волја на вистината, го поздрави овој разговор, потенцирајќи дека Шолц уште еднаш потврдил дека нема да има преговори, без учество на Украина. Уште повеќе, изминатиов вторник, таа беше домаќин на министрите за надворешни работи на најголемите европски држави. Според изјавата на министерството за надворешни работи на оваа земја, соговорниците се договориле дека доколку САД, по инагурацијата на претседателот Трамп, престанат да ја подржуваат Украина, тие ќе ги преземат сите обврски. Европското залажување продолжува! Прво, несериозно е да се тврди дека нема да има мир без украинско учество на преговорите. Па, тоа е сосема нормално. Русија е во војна со Украина и само тие две држави можат да седнат и да потпишат мировен договор. Никој друг! Да, други преговори ќе има ама тие ќе бидат посветени на европските безбедносни аспекти. Нешто што генерално ги засегаат односите помеѓу НАТО и Русија и подиректно помеѓу САД и Русија, посебно во однос на нуклеарното вооружување. Второ, нивната изјава за преземање на сите обврски за подршка на Украина, се несериозни. Сите тие заедно ниту имаат толку средсва, ниту толку оружја и муниција за да ја снабдуваат Украина. Се залажуваат и себе си и сопствената јавност. Одбиваат јавно да признаат дека ова е судир на џинови, а тие не се во таа група. Вербално ја подржуваат Украина, а потајно се надеваат дека претседателот Трамп, ќе издејствува прекин на непријателствата. Се разбира, додворувањето кон Украинците е дел од оваа приказна. Сите тие се надеваат да земат што поголем колач од средствата потребни за обнова на Украина.
Американскиот претседател Бајден ги засени сите. На два месеци од истекот на неговиот мандат, тој и’ дозволи на Украина да користи американско оружје со долг дострел. Дозволи американски ракети да се користат за напади на руски цели во длабочината на руската територија. Едноставно ги игнорираше предупредувањата на претседателот Путин, кој јасно стави до знаење дека таква одлука ќе значи директно ангажирање на земјите членки на НАТО во војната со Украина. Британија и Франција ја поздравија оваа одлука, додека Германија и Италија јавно ги повторија своите ставови дека нема да дозволат нивно оружје да е користи за напади врз руска територија. Со оваа одлука тој руско-украинската војна ја подигна на повисоко и поопасно ниво. Образложението дека ова оружје ќе се користи со цел Украина да ја задржи територијата во Курската област, додека започнат преговорите, е наивно. Колку да се каже нешто! Уште понаивно е образложението дека нападите врз длабочината на руската територија ќе го подигнеле моралот на украинската војска. Тој морал, во моментов, тешко дека некој може да го подигне. Испраќањето на елитните украински сили во правец на Курск, беше стратешка грешка од епски размери. Ја ослабе одбраната на линијата на фронтот и дозволи руската армија за помалку од два месеци да освои над 2.000 квадратни километри територија. И тоа продолжува секој ден! Во моментов четири поголеми града се под закана од целосно опкружување. Украинските војници ова го знаат. Неуспесите и неможноста од нивна редовна замена го уништува нивниот морал. Ракетите и да погодат некоја руска цел, тешко дека ќе помогнат. Ова Бајден добро го знае. Оттука причините за ваква една одлука се доста дискутабилни. Наједноставно е да се каже дека оваа одлука оди во прилог на американскиот воено-индустрискиот комплекс, а не во интерес на Украина. Но, таа можеше да се донесе порано. Украина веќе цела година ја бара оваа дозвола. Ако се погледне од аспект на ставовите на идниот американски претседател, се чини, работите стануваат појасни. Тој изјави дека за еден ден ќе ја прекине војната, но не кажа кој ден ќе биде тоа. Императивен интерес на САД е при потпишувањето на мировниот договор, Путин да не добие се’ што сака. Тоа би значело дека тој е апсолутен победник. Развојот на настаните на фронтот целосно му одат во прилог. Гледано од позицијата на САД напредокот на руската армија треба да се забави. Дај боже да се закочи. Тоа ќе може да се случи само и само доколку цената што во моментов ја плаќа Русија драстично се зголеми. За такво нешто да се случи потребни се напади во длабочината на руската територија. Што поголема штета, поголеми шанси Путин да попушти. Само во вакво едно сценарио Трамп може да издејствува прекин на непријателствата за еден ден. Гледано од овој аспект, одлуката на претседателот Бајден е всушност одлука на идниот претседател Трамп. Во овој контекст требе да се стави и одлуката на САД да и испратат на Украина анти-пешадиски мини.
Илјадитиот ден од војната во Украина беше одбележен и со првиот неуспешен напад на украински ракети врз руска територија, но и со нов потпис на претседателот Путин. Тој изминатиов вторник ја потпиша новата руска стратегија за користење на нуклеарното оружје. Со неа Русија си зема за слобода со нуклерано оружје да нападне и држава која не го поседува, но која е закана за руската национална безбедност, а е подржана од држава која го поседува. Кажано поинаку на Путин Велики сега му се целосно одврзани рацете. Во секој момент може со нуклеарно оружје да ја нападне Украина. Но, и земји членки на НАТО. За жал, големите светски играчи, за само 1.000 дена, го направија тоа што неколку генерации на државници, ниту помислуваа да го направат. Го доведоа човештвото до работ на трета светска војна. За прв пат во изминатава среда американската, но и амбасадите на уште четири западни држави, ги затворија своите амбасади во Киев, плашејќи се од руска одмазада. Но, тоа е најмала работа! Русија има поголем број на опции. Наједноставна е да им обезбеди на Хутите во Јемен, ракети со среден и долг дострел, за напад врз американски, но и други западни воени и трговски бродови. Едноставно сега веќе се е прашање на избор!
Подржувачите на одлукатан на претседателот Бајден, ги игнорираат следните руски потези, велејќи дека Путин блефира. Доказ за нивното целосно непознавање ниту на карактерот на Путин, ниту на системот на донесување на одлуки во Кремељ. Прво, Путин едноставно не блефира. Тој само чека погоден момент да го исполни тоа што јавно го кажал. Второ, руските генерали нема да дозволат понижување на руската армија. Во крајна линија, тоа нема да го дозволат и мнозинството на Руси. За нив татковината и армијата се едно исто. Ако ја понижите армијата ја понижувате „мајка“ Русија. Траумите од руското понижување на почетокот на деведесетите години, уште не се заборавени. Путин во Русија е Путин, бидејќи ја издигна Русија од пепелта. Ниту тој, ниту кој и да е на негово место, не смее да дозволи тоа да се случи повторно.
Изминативе 24 цаса го потврдија тоа. Русија возврати! Ја подигна спиралата на конфликтот уште повисоко. Според зборовите на претседателот Путин, таа врз Дњепропетровск, истрелала моќна, нова хиперсонична ракета со среден домет. Ракета за која во моментов Украина не поседува одбрана. За волја на вистината, Путин на прес конференцијата изјави дека граѓаните на Украина навремено ќе бидат известени за ваков вид на напади. Сигурно ова нема да делува смирувачки. Ова само дополнително ќе ја зголеми и материјалната и психичката голгота низ која минуваат Украинците. Дополнително, за да ја обедини домашната јавност околу „мајка“ Русија, тој укажа дека украинскиот конфликт прерасна во глобален. Нешто што не е далеку од вистината. Ракетите кои ги истрела Украина се нефункционални без директна подршка од странски воени специјалисти. И тука лежи најголемата опасност од избивање на директен конфикт. Од една страна Путин со оваа изјава ја доближува Русија до фаза на општа мобилизација. Од друга страна, во услови на нефункционирање на канали за комуникација помеѓу САД и Русија, секоја грешка може погрешно да се протолкува. Поранешниот украински врховен командант Залужни отиде подалеку. За него третата светска војна е започната, но „…таа сеуште може да се запре тука на територијата на Украина. Но, од некои причини, нашите партнери не го разбираат ова. Очигледно е дека Украина веќе има многу непријатели. Украина ќе преживее благодарејќи на технологијата, но не е јасно дали ќе може да ја добие оваа битка сама…“.
Гледано од аспект на Македонија, оваа ескалација воопшто не оди во прилог. Како и поголем број на мали и слаби држави, Македонија е надвор од оваа игра. Вербалната и скромната материјална помош која ја даваме на Украина, Русија ја запишува, но не ја есапи. Сепак Македонија е членка на НАТО. Евентуален руски напад врз територијата на некоја од земјите членки на Алијансата, може да не’ вовлече во судир. Веројатноста, сега за сега, е мала, но не требе да се исклучи од нашите сценарија. Исто како и заштитата на граѓаните од евентуална радијација. Дојдоа времиња кога изреката „ѓаволот ја однесе шегата“ станува реалност.
Автор: Јован Донев за НетПрес