Украина бара 20 милијарди евра од ЕУ за да го смени ставот

„На украинското стопанство ќе му бидат неопходни 20 милијарди евра помош поради последиците од евентуалното потпишување на Договорот за асоцијација со ЕУ“,  истакна  премиерот  Микола Азаров кој додаде дека според нивните пресметки овие пари се доволни за да тие го сменат курсот кон ЕУ.

Според него, Киев предлага ЕУ да учествува во финансирање на проекти кои би биле корисни и за Украина и за ЕУ, како што е модернизацијата на „коридорот за транспорт“, алудирајќи при тоа на гасоводите кои минуваат низ Украина.

Киев на почетокот на ноември се откажа од потпишувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ, оценувајќи дека Украина не може да си ги дозволи економските загуби кои би следувале поради евентуалното влошување на односите со Москва.

Поради таа одлука, во Киев веќе три недели се одржуваат протести, а опозицијата наведува дека властите и го свртеле „грбот“ на ЕУ и Украина ѝ ја предале на Русија.

Во судирите меѓу паневропските демонстранти и полицијата има неколку повредени.