Украина ќе биде домаќин на Светското првенство во фудбал 2030?

Украина ќе им се придружи на Шпанија и Португалија во заедничката кандидатура за домаќин на Светското првенство во 2030 година, објави во понеделникот вечерта британскиот весник Тајмс.

Британските медиуми пишуваат дека Украина потоа би била домаќин на една од групите и дека предлогот има поддршка од украинскиот претседател Володимир Зеленски, шпанските и португалските власти.

Шефовите на фудбалските асоцијации на двете Пиринејски земји во среда на прес-конференција во седиштето на УЕФА треба да објават ново партнерство со оваа земја разурната од војна.

Ројтерс побара потврда на оваа информација од европската фудбалска организација и од ФИФА, организаторот на Светското првенство.

Светското првенство годинава почнува следниот месец во Катар, а во 2026 година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.