Украина ќе му даде специјален статус на англискиот јазик

Украинското министерство за култура работи на предлог-закон за давање на специјален статус на англискиот јазик на територијата на Украина, изјави во петокот на брифинг со новинарите заменикот министер за култура и информатички политики Ростислав Карандеев.

„Министерството…, по соодветните инструкции на премиерот започна да работи на подготовка на предлог-закон за да се обезбеди употреба на англискиот јазик како јазик за меѓународна комуникација. Се претпоставува дека ќе бидат регулирани односите поврзани со употребата на англискиот како јазик во меѓународната комуникација во одредени јавни сфери од општествениот живот“, го цитира Карандеев агенцијата УНН.

Според него, без посебниот статус на англискиот јазик, Украина „останува одвоена од Европската унија и остатокот од светот со јазична бариера“.

Појаснил дека ќе бидат направени измени во законот за образование и во законот за државната служба. Односно, како што рекол Карандеев, во иднина секој државен службеник или припадник на правосудните и безбедносни служби ќе мора да го зборува англискиот.

„Ниту една од одредбите на предлог-законот за статусот на англискиот јазик нема и не може да се толкува како намера за стеснување на употребата на украинскиот јазик“, рекол заменикот-министер.

Рекол и дека Украина е на 40-то место од 112 земји според познавањето на англискиот јазик, но дека реалниот показател бил „уште полош“.

Истовремено, медиумите повикувајќи се на украинската постојана комисија за образование и наука, семејство, млади и според при Градскиот совет на Киев, објавија дека во украинската престолнина во новата академска година не е предвидена настава на руски јазик, па дури и негово изучување како изборен предмет, иако големо мнозинство Украинци го наведуваат како мајчин јазик, особено до пред превратот во 2014 година.

Официјален јазик во Украина е украинскиот. Според Уставот на територијата на земјата се гарантира „слободен развој, употреба и заштита на рускиот и другите јазици на националните малцинства“. Но во 2019 година парламентот Врховната Рада го усвои законот „За осигурување на функционирањето на украинскиот јазик како државен“, односно ексклузивна употреба во сите сфери на јавниот живот. Поради тоа формирана е посебна јазична комисија и одреден комесар за заштита на јазикот во однос на примената на другите јазици во јавниот живот.