Украина ги добила првите противвоздушни системи NASAMS

Украина и добила првите противвоздушни системи NASAMS кои „значително ќе ги зајакнат“ нејзините вооружени сили, објави во понеделникот министерот за одбрана Олексиј Резников.

„Видете што е тука! NASAMS и Aspid ракетните системи пристигнаа во Украина!“, објави Резников на апликацијата на Telegram изразувајќи благодарност за Норвешка, Шпанија и САД.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, во октомври потврди дека САД ја забрзуваат испораката на софистицираниот систем по разорните ракетни напади од Русија. Но непознато е какви екипажи ќе ги опслужуваат овие напредни системи, бидејќи малку е веројатно дека во кус период можеле солидно да бидат обучени за ефикасно ракување со нив украински војници.

САД на почетокот од октомври потврдија дека одобриле вкупно осум Национални напредни ракетни системи земја-воздух (NASAMS), и се очекуваше дека два система ќе бидат испорачани наскоро, а дека преостанатите шест ќе му бидат дадени на Киев во подолг период.

Претседателот Володомир Зеленски минатата седмица од челниците на земјите од групата Г7 побара помош во скапи противракетни системи, откако руската војска со масивни ракетирања врз енергетската и воена инфраструктура на Украина одговори на нападите врз Кримскиот мост и бродовите во Севастопол.

„Мораме да осигуриме целосна заштита на украинското небо и за да го оствариме тоа ќе сториме сѐ можно и невозможно“, изјави Зеленски во саботата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.