Украина го бојкотираше Парламентарното собрание на ОБСЕ во Виена поради присуство на руската делегација

Седницата на Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска во Биена почна без присуство на украинската делегација, која како навреда го оцени најавеното присуство на руски пратеници на седницата.

Дводневната сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, која се совпаѓа со првата годишнина од руската инвазија на Украина, е засенета од контроверзите за присуство на Русите на неа. Австрија им даде визи на руските пратеници иако се под санкции на Европската унија и покрај протестите на 20 земји, или околу третина од земјите членки, меѓу кои Велика Британија, Франција и Канада.

Австриските власти наведуваат дека како домаќини се обврзани да им издаваат визи на претставниците на сите земји-членки на ОБСЕ. Украина и Литванија најавија дека нема да учествуваат на седницата доколку Русија биде присутна.

Претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Маргарета Седерфелт, на отворањето на седницата рече дека „сочувствува со фактот што некои членки сметаат дека е неподносливо да седат во иста просторија со агресорите“ и дека „оние кои се присутни денеска имаат можност да се заземат за Украина и да се спротивстават на лагите на агресорите.“

Словачкиот делегат ја прочита изјавата на украинската делегација во која се наведува дека „присуството на воените потбуцнувачи во Виена е навреда за сето она за што се залага ОБСЕ“.

„Тие не се тука за вистински дијалог или соработка. Тие се тука да ја шират својата пропаганда, да се обидат да ги оправдаат воените злосторства што ги направија и да ги сквернават принципите на меѓународното право и човечката пристојност“, изјавија од украинската делегација.

ОБСЕ, чие седиште е во Виена, има 57 земји-членки, вклучувајќи ги Русија и Украина, а организација е создадена за време на Студената војна како платформа за дијалог меѓу Истокот и Западот.