Украина и Русија разменија заробеници, меѓу нив и украинскиот пратеник Медведчук

Украина ноќеска објави размена на 215 воени заробеници со Русија, вклучително и наводно водачите на одбраната во челичарницата „Азовстал“ во Мариупол, симбол на отпорот на руската инвазија.

„Успеавме да ослободиме 215 луѓе во најголемата размена на затвореници од почетокот на руската инвазија во февруари“, изјави шефот на администрацијата на украинскиот претседател Андреј Јермак.

Русија добила 55 затвореници, меѓу кои беше и поранешниот пратеник Виктор Медведчук, опбвинет дека е во блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин, кој беше обвинет за велепредавство во Украина, изјави во своето редовно обраќање украинскиот претседател Владимир Зеленски.

„Како дел од таа долго подготвувана операција, пет воени команданти, меѓу кои и началниците на одбраната на „Азовстал“, се префрлени во Турција, рече Зеленски.

Тие ќе останат во Турција „во целосна безбедност во удобни услови“ до крајот на војната врз основа на договорот со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, според Зеленски.

Во рамките на оваа размена има и десет воени заробеници, меѓу кои пет Британци, двајца Американци и еден Хрват, за кои претходно беше соопштено дека се префрлени од Русија во Саудиска Арабија, од каде ќе се вратат дома