Украина кај Бахмут загуби некои од најелитните единици, пишуваат медиумите

© AP Photo / Evgeniy Maloletka

Украинските офицери признаваат дека во борбите со руските сили последните месеци кај Бахмут, еден од трите градови кои сѐ уште се под контрола на Киев во одметнатиот проруски источен регион Доњецк, тешки загуби претрпеле неколку од најобучените единици на украинската војска, пишува во неделата американскиот весник The Wall Street Journal.

Во написот се нагласува дека податоците за загубите се класифицирани, но некои украински функционери, под услов да останат анонимни, признаваат дека се значителни.

Офицерите во некои други бригади, наведува WSJ, велат дека неколку единици, меѓу кои и некои од најдобро обучените, биле тешко поразени во борбите за Бахмут.

Весникот, исто така, не ги прецизира податоците за загубите и размерите на уништените единици кои му биле соопштени.

Се наведува дека бригадите распоредени во близна на градот се разликуваат по нивото на обуката и опремата и не можат секогаш да одржуваат комуникации меѓу себе. Како што рекол еден од неименуваните украински команданти, позициите на неговата единици биле загубени затоа што блискиот баталјон, составен од лошо обучени доброволци и мобилизирани резервисти, без предупредување ја напуштил својата позиција.

Западните воени аналитичари, пак, во последно време го минимизираат стратешкото значење на Бахмут, иако станува збор за јазол значаен за логистиката на единиците и од кој се отвора патот и кон северот на фронтот и кон централна Украина. Но има и такви коишто предупредуваат дека во борбите за градот украинската војска загубила премногу припадници од своите борбено најподготвени единици, потсетувајќи дека САД уште пред два месеца го советуваа Зеленски да ги повлече тие единици од Бахмут и да ги сочува за најавената пролетна офанзива.

Борците на приватната воена компанија „Вагнер“ и припадниците на проруската доброволечка милиција од Доњецк речиси целосно го опколија градот Бахмут (Артејмеовск, на руски), а во петокот основачот на компанијата Евгениј Пригожин повикувајќи ги украинскиот претседател Володомир Зеленски да ги спаси животите на неподготвените војници, а истовремено од Киев се наведува дека украинските сили во околината на градот ископале нови ровови во обид да ги задржат руските напади.

Пригожин ги повика властите во Киев да им дадат можност на украинските вооружени сили да се повлечат од градот, а во продолжемнието на од видеото со истата порака до Зеленски се обраќаат, како што се преставени, и заробени украински војници – две голобради момчиња и еден доста возрасен маж.

„Апелирам до претседателот на Украина, Владимир Александрович Зеленски (…) Ако порано со нас војуваше професионалната украинска армија, денеска гледаме сѐ повеќе старци и деца. Тие се борат, но нивниот живот кај Бахмут е краток, ден-два. Дајте им можност да го напуштат градот, градот всушност е опколен“, рече основачот на „Вагнер“.

Во четвртокот Серхи Рахманин, член на комисијата за национална безбедност, одбрана и разузнавање на Врховната Рада (украинскиот парламент) изјави дека ситуацијата во Бахмут е „критична“ за украинската војска. Според него, од воен аспект „нема смисла да се брани“ градот „по секоја цена“. Рахманин потврди дека руските сили всушност ги прекинале сите правци за снабдување на украинските групации. Но ден претходно украинската заменичка на министерот за одбрана Ана Малјар објави дека Киев решил во Бахмут да испрати нови единици со намера да ги исцрпи руските сили за натамошен продор кон централна Украина.

Во блиските градови и села јужно од Бахмут ископани се нови ровови покрај патот оддалечени 20 до 40 метри, што се смета за знак дека украинските сили ги јакнат одбранбените позиции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.