Украина не го прифаќа предлогот на Макрон да посредува во конфликтот со Русија

Украина го отфрли повикот на францускиот претседател Емануел Макрон да не ја „понижува“ Русија во име на дипломатијата. Од Украина велат дека нема смисла да се преговара додека не се повлечат руските воени сили.

Макрон понуди да посредува во војната, предупредувајќи дека Москва не треба да биде понижена за да се отвори вратата за дипломатско решение на конфликтот.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба на Твитер остро ја отфрли логиката на Макрон, велејќи дека таквите повици „може само да ја понижат Франција и секоја друга земја што упатува таква покана“.

„Русија се понижува себеси и ќе биде подобро сите да се фокусираме на тоа како да ја ставиме Русија на нејзиното место. Тоа ќе ни донесе мир и ќе спаси животи“, рече тој.

Макрон се обидува да одржи дијалог со рускиот претседател Владимир Путин по инвазијата на Москва врз Украина. Неговиот став беше постојано критикуван од некои источни и балтички партнери во Европа, бидејќи тоа го сметаат за поткопување на напорите за притисок врз Путин на преговарачката маса.

 „Не смееме да ја понижуваме Русија, за да можеме на денот кога ќе престанат борбите да изградиме излезна рампа преку дипломатски средства“, рече Макрон. „Убеден сум дека улогата на Франција е да биде посредничка сила“.

Франција воено и финансиски ја поддржува Украина, но Макрон досега не бил во Киев за да понуди симболична политичка поддршка како другите лидери на ЕУ, а Украина тоа го очекува од него.