Украина нема да интервенира на Крим

Украина нема да започне воена интервенција на Крим за да го спречи одделувањето на тој црноморски полуостров, изјавил вршителот на должност украински претседател и претседател на Собранието, Александар Турчинов.

„Не можеме да започнеме воена операција на Крим бидејќи така ќе ја изложиме на опасност источната граница и Украина нема да биде заштитена“, рекол Турчинов, додека Крим се подготвува за референдум за присоединување кон Русија кој што ќе се одржи во недела на 16-ти март.

Претстојниот референдум за присоединување кон Русија, како што изјавил Турчинов, е „фарса“ чии резултати ќе бидат наместени во Москва.

„Она што се нарекува референдум нема да се случи на Крим, туку во канцелариите на Кремљ“, истакнал Турчинов.

Руските лидери, како што вели тој, одбиваат дијалог со украинските власти.

„Тие одбиваат секаков контакт со министерството за надворешни работи и со Владата“, рекол Турчинов, додека западните сили, на чело со Германија, се залагаат за формирање на контакт група за да се спречи граѓанска војна.