Украина: Немирите продолжуваат, над 200 повредени

Продолжуваат немирите меѓу опозициските демонстранти и полицијата во украинската престолнина. Над 200 лица се здобиле со повреди во синоќешните судири.

Интензивните демонстрации почнаа во неделата, а продолжуваат и денеска. Вчеравечер околу 200.000 лица протестираа на температура од минус 10 степени.

На централниот плоштад во Киев  се собраа повеќе од две илјади демонстранти со гас-маски кои фрлаа петарди, додека полицијата повторно употреби солзавец.

Во судирите покрај протестантите со повреди се здобиле и 26 новинари, а полицијата уапсила 31 лице за насилство.

Додека расте насилството на улиците, украинскиот претседател Виктор Јанукович повика на дијалог и компромис. Во неговото вчерашно обраќање, Јанукович порача дека насилството е закана за сите во земјата и им гарантираше безбедност на демонстрантите.

Инцидентите во Киев добиваат се поголеми размери откако Јанукович одби да се приклучи кон ЕУ и се насочи кон Русија.