Украина: Од почетокот на неделата ослободивме над 20 места во регионот Харков

Украинските власти соопштија дека ослободиле повеќе од 20 градови во областите окупирани од руските сили во регионот Харков од почетокот на неделата.

„Во овој момент нашите војници навлегоа до 50 километри длабоко зад одбранбената линија на непријателот“, изјави за новинарите претставникот на Генералштабот Олексиј Хромов. Тој рече дека на ослободените територии продолжува „чистењето на непријателот“, иако неговите изјави не можат независно да се проверат.

Украинските сили исто така напредуваа на 2 километри од Краматорск во источниот регион Доњецк. Тие успеале да ги оттурнат руските сили покрај Словјанск до 3 километри и да го ослободат селото Озерне. Во јужниот регион Херсон, руските сили се повлекле до 2 километри, а во некои области и до неколку десетици километри.

Во контранападот Украина освоила вкупно повеќе од 700 квадратни километри територија, изјави портпаролот на генерал штабот. Тој ја опишал ситуацијата на другите делови од фронтот како „тешка, но не и критична“, додека руските сили продолжуваат со своите напади.