Украина се подготвува за нова руска офанзива

Украина очекува нова руска офанзива на руските копнени сили по гранатирањата на речиси сите делово од линијата на раздвојување во коишто во понеделникот според украинската страна се убиени над 30 цивили, а според руската се убиени повеќе од 500 припадници на украинските единици, паравоените формации и странски платеници, додека западните сојузници и спонзори на Киев се подготвуваат за влошување на енергетската криза, доколку Русија на заострувањето на санкциите против неа реши да одговори со моментален прекин на испораките на нафта и гас.

Украинскиот генералштаб објави дека гранатирањето ширум земјата претставува подготовка за интензивирање на судирите, додека проруските сепаратистички единици и руската војска настојуваат да ги скршат и последните џебови на украинскиот отпор во рамките на административните граници од пред превратот во Киев во 2014-та на доминантно рускиот и рускојазичен регион Доњецк. Со тоа, под контрола на сепаратистите ќе биде целосно ставена целата историска индустриска источна област Донбас, која до пред осум години имаше огромен удел во вкупниот бруто домашен производ на Украина.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Русија од саботата извела 34 воздушни напади, а еден од нив погодил петкатница и убил 31 цивил а уште десетици се под урнатините.

Русија негира дека гаѓа цивилни цели, а во понеделникот вечерта ги повтори обвинувањата дека украинските сили заземаат борбени позиции во чувствителни цивилни објекти, како детски градинки, училишта, болници и станбени населби каде не им дозволува на цивилите да се евакуираат на безбедни позиции.

Рускиот Центар за управување со одбраната како последни примери за тоа ги наведе распоредувањето на украинските борци во училиште и детска градинка во Николаев, на југот на Украина, како и во Националниот технички универзитет во Харков, вториот по големина украински град на самиот југоисток од земјата, распоредиле артилериски оружја и повеќекратни ракетни системи. Притоа се наведува и дека и на двете локации и извршено минирање а за тоа не било предупредено локалното население.

Проруските сепаратистички власти до Доњецк и областите на Херсон и Запорожје, известуваат дека со несмален интензитет украинската армија ги гранатира тамошните станбени населби, при што секојдневно се известува за до десет цивилни жртви.

Во последниот украински одмазнички удар врз Херсонската област чие население бара присоединување на Русија, во местото Нова Каховка се убиени најмалку седум цивили а уште 70 се ранети а шест деца се извлечени од под уранатините, изјави во вторникот челникот на воено-цивилната администрација Владимир Леонтиев.

Сепаратистите оценуваат дека нападите на украинските сили врз цивилните цели во одметнатите региони сега се изведуваат со неодамна испорачаните од САД повеќекратни ракетни системи HIMARS.