Украина ѝ се закани на Унгарија дека „нешто може да се случи“ со нафтоводот Дружба

Украина може да влијае врз работата врз нафтоводот Дружба со цел да изврши притисок врз земјите кои не се подготвени да се откажат од руската нафта, беше наведено во говорот на украинската министерка за енергетика Олена Зекарал на Киевскиот безбедносен форум.

Зеркал оцени дека Унгарија ја искористила ситуацијата во којашто се наоѓа Украина со војната против Русија и всушност почнала да ја уценува Европската унија. Но, Киев „има одлична алатка, тоа е нафтоводот Дружба“, порача украинската министерка потесетувајќи дека има посебна линија од цевководот кој води во Унгарија.

Унгарија и уште неколку земји од Европската унија се под силен притисок на Европската комисија да се приклучат на нафтеното ембарго против Русија, но унгарската економија е силно зависна од руските енергенси и во догледно време без огромни финансиски вложувања не би можела да се преориентира кон други правци на снабдување со енергија.

„Според моето мислење, би било многу соодветно доколку нешто се случи со нафтоводот. Но, ќе повторам, во рацете на владата и претседателот е да ги решаваат политичките прашања, дали навистина сакаме да разговараме со унгарскиот премиер Виктор Орбан на јазикот што го разбира и што ѝ го наметна не Европската унија или сѐ уште не сме подготвени за тоа“, заклучи Зеркал.

Унгарскиот премиер во саботата во Нови Сад на отворањето на тамошниот саем на земјоделство, рече дека Будимпешта не се согласува со економски неприфатливите мерки кои се носат во Брисел, споредувајќи поедини санкции против Русија со атомска бомба, и предупреди дека тоа би можело да предизвика нов мигрантски бран.

„Унгарија не се согласува со Брисел во однос на неразумните и неприфатливи мерки против Русија коишто би довеле до раст на цените, глад и невидена масовна миграција. Не треба да се преземаат необмислени санкции кон Москва, бидејќи тие имаа ефект сличен на атомска бомба“, рече тогаш Орбан.

Унгарскиот премиер и претходно нагласи дека воведувањето на ембаргото на увозот на руската нафта ќе предизвика „сериозни проблеми во испораките“ што ќе ја поткопа енергетската безбедност на земјата и ќе резултира со „ценовен шок“ и за унгарското население и за унгарското стопанство.

Орбан, исто така, истакна дека планот на Европската комисија за постепеното откажување од руските фосилни горива до 2027 година, претставен минатата седмица, не содржи предлози за дополнително финансирање на „најзасегнатите членки на заедницата кои немаат излез на море“.

На Унгарија за сигурно и непречено снабдување со нафта би ѝ бил потребен нов нафтовод кој би бил поврзан со Храватска која има излез на море. Покрај тоа, Будимпешта бара гаранции дека Загреб ќе се ангажира на изградбата на таа инфраструктура, како и гаранции за финансиски средства од фондовите на ЕУ што досега не ги добила.

Минатата седмица и поранешниот украински претседател Петро Порошенко повика на блокирање на нафтоводот Дружба, и покрај тоа што транзитот на енергенсот преку овој цевковод е еден од позначајните извори на приходи во националниот буџет.

Нафтоводот Дружба започнува во руската Самарска област, минува низ областа на Брјанск и натаму се разгранува на северен и јужен крак, минувајќи низ териториите на Белорусија, Украина, Полска, Германија, Чешка, Словачка, Унгарија, Латвија и Литванија. Нафтоводот обезбедува извоз на руската нафта во Европа, украинскиот дел е во сопственост на операторот „Укртранснефт“, додека Русија плаќа за транзитот.