Украина во првиот бран ќе добие 120 до 140 тенкови, уверува Кулеба

Украина во првиот бран од испораките на напредните западни офанзивни тенкови ќе добие 120 до 140 тенкови од коалицијата на дванаесет земји, објави во вторникот украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Западните земји претходно во јануари позитивно одговорија на барањата на Киев за испораки на тенкови за да може да започне офанзива за повраќање на териториите кои сега се под контрола на руската војска. Но западните престолнини велат дека овој вид оружје треба на украинската војска да ѝ помогне да се спротистави на очекуваната пролетна руска офанзива на истокот на Украина,

„Тенковската коалиција сега има дванаесет членки. Можам да кажам дека во првиот бран украинската војска ќе добие меѓу 120 и 140 западни тенкови“, рече Кулеба на онлајн-брифинг.

Додаде дека станува збор за германските тенкови „Leopard 2“, од кои само Полска вети 60 такви тенкови а Германија 14, британските „Challenger 2 од кои Лондон вети исто така една чета од 14 тенкови, и американските „М1 Abrams“ од кои се најавени првично 31 тенк.

Кулеба, исто така, додаде и дека се надева дека ќе биде постигнат договор со француските тенкови „Leclerc“, како и дека Киев „дискретно работи“ и на тоа уште земји да испратат тенкови.

„… Продолжуваме да работиме на проширувањето на тенковската коалиција и на тоа оние земји коишто веќе ги ветија да го зголемат својот придонес“, изјави украинскиот министер за одбрана.

Кулеба не ги наведе роковите на испорака на тенковите. Обуката за управување со овие тенкови опремени со напредна софистицирана технологија, исто така, бара најмалку неколкумесечен период.

Киев веќе со месеци најавува голема противофанзива за а ја поврати територијата на југот и на истокот од земјата. Меѓутоа, САД повеќепати го предупредија да ги повлече силите од Бахмут, опколениот град во Доњецк со цел да ги сочува, како и да не презема офанзивни дејствија додека не пристигне западната воена помош.