Украинска амбасада во Белград: Антиукраинска и антисрпска провокација на Саемот за туризам во Белград

Украинската амбасада во Србија соопшти денеска дека претставувањето на Крим како дел од Русија на рускиот штанд на Меѓународниот саем за туризам во Белград не е само анти-украинска, туку и анти-српска провокација, со оглед на поддршката на Србија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, од украинската амбасада порачуваат дека тоа е индиректен повик за граѓаните да ги кршат украинските закони поврзани со преминување на државната граница на Украина.

Украинската амбасада ги потсетува граѓаните дека, според украинските закони, влегувањето на странци на територијата на Крим е дозволено само со посебна дозвола издадена од Државната служба за миграција на Украина преку административни премини во регионот Херсон во Украина.

На сите други премини, влезот е забранет и претставува кршење на законот кој се казнува со забрана за влез на територијата на Украина до пет години, соопшти украинската амбасада во Белград.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.