Украинската армија може да одлучи да ги повлече своите војници од упориштето околу Бахмут, најави денеска советникот на украинскиот претседател Александар Родњански.
„Нашата армија очигледно ќе мора да ги разгледа сите опции. Досега го браневме градот, но доколку е потребно, силите стратешки ќе се повлечат од своите позиции“, рече Родњански, додавајќи дека Украина „нема да го жртвува својот народ за ништо“.
Родњански рече и дека Русија ги користи најдобрите војници на руската паравоена група Вагнер во обид да го опколи градот.
Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин денеска изјави дека досега не видел знаци за украинско повлекување од градот. Тој тврди дека Киев всушност ги зајакнува своите позиции таму.
„Украинската армија распоредува дополнителни војници и прави се што може за да ја задржи контролата врз градот. Десетици илјади украински војници пружаат жесток отпор, а борбите од ден на ден стануваат покрвави“, рече тој.
Советникот на украинскиот претседател, Михаил Подољак денеска изјави дека не се точни обвинувањата на Русија дека Киев користел дронови за напад на руска територија.
Москва вчера објави дека во текот на ноќта соборила два украински беспилотни летала кои биле насочени кон цивилна инфраструктура на југот на Русија.