Украинската вицепремиерка очекува брзо разгледување на нивната апликација за НАТО

Украинската вицепремиерка Олга Стефанишина рече дека се надева оти апликацијата на Украина за влез во НАТО ќе се разгледа брзо и дека има поучни лекции по намерата за влез на Финска и Шведска во НАТО.

„Гледаме дека со сегашната позиција на Шведска и Финска кои одлучија да аплицираат за членство во НАТО , одговорот од сојузниците е оваа апликација да биде разгледана и исполнета веднаш“, рече таа. „Тоа покажува еден многу очигледен аргумент дека НАТО научил од политичките грешки што биле направени уште во 2008 година, давајќи ветувања без исполнување на одлуките за членство, што во основа доведе до три војни, од кои две се случуваат на украинска територија“.

„Се надеваме дека кога станува збор за разгледување на украинската апликација, тоа исто така ќе се случи многу побрзо“, додаде таа.

Претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека се надева оти процесот на приклучување на Шведска и Финска во НАТО ќе биде „побрз отколку што сме виделе досега“.

„Мојата намера е да имам итен и брз процес“, рече тој, додавајќи дека иако процесот на ратификација ќе потрае – како што е стандардно кога поминуваме низ 30 парламенти – „ова е историска шанса што треба да ја искористиме“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.