Украинскиот амбасадор ја појаснува изјавата за можното откажување на Киев од членство во НАТО

Вадим Пристајко, амбасадор на Украина во Лондон,/ © EPA-EFE/STEPAN FRANKO

Какви и да се отстапки од страна на Украина не се однесуваат на октажувањето од членството во НАТО, дообјаснува во понеделникот украинскиот амбасадор во Лондон, Вадим Пристајко за BBC, коригирајќи ја својата претходна изјава дадена неколку часа претходно за радиото на британскиот јавен сервис.

„Во моментов ние не сме во НАТО и, за да ја избегнеме војната, подготве и сме на многу отстапки, и тоа го правиме во преговорите со Русија. Тоа нема никаква врска со НАТО, што е напишано во нашиот устав. Тоа не е запирање на нашите амбиции да бидеме во НАТО, зборуваме за фактот дека сега не сме во семејството, така што треба да бараме некои други начини како билатерални договори со Велика Британија, САД….“, изјави украинскиот дипломат.

Претходно во програмата на радиото на BBC, Пристајко изјави дека Киев би можел да ја промени својата позиција за приклучување кон Алијансата доколку таквиот потег помогне да се спречи војната.

„Би можеле да го направиме тоа“, изјави амбасадорот на прашањето дали Киев може да ја измени својата позиција во однос на неговите аспирации за полноправно членство во НАТО.

„Доколку треба да направиме такви сериозни отстапки…, тоа ќе биде она што ќе го сториме“, истакна меѓу другото Пристајко додавајќи дека во сегашната ситуација Украина е препуштена самата да се справува со Русија.

Подоцна портпаролот на украинскиот претседател Сергиј Никифоров изјави дека треба да му се даде можност на амбасадорот во Лондон да ги појасни своите изјави за повлекувањето на барањето за членство во НАТО поради стивнување на тензиите, и потсети дека политиката на приклучување кон Алијансата е содржана во украинскиот устав.

Британската телевизија Sky News истовремено го цитира портпаролот на украинското министерство за надворешни работи, Олег Николенко, според кого зборовите на амбасадорот Пристајко се извадени од контекст.