Украинци повикуваат странски армии на помош

Сергеј Смолјанинов од градскиот совет на украинскиот град Севастопол ја повика руската армија да влезе во Украина. Со таква молба се обратил кон претседателот на Русија Владимир Путин, пренесе локалното издание „ФорПост“.

Смолјанинов изјавил дека во моментов во земјата „од западните тајни служби и нивни агенти е поттикнат обидот за соборување на законската власт, организирани се немири, платени митинзи и информациски напади во медиумите, со интернет ресурси финансирани од САД“.

Смолјанинов упатува молби до претседателот на Русија да им укаже воена и друга помош „за заштита на суверенитетот на земјата, на руското население во Крим и останатите региони на Украина“.

„Молам да биде усогласено со Владата на Украина доаѓањето на вооружените сили на Русија на територијата на земјата, за заштита од Армијата на САД и нивните НАТО агресори“, сумираше Смолјанинов кој е од владејачката Партија на регионите.

Слична апликација, но кон Американците, претходно се појави на сајтот на Белата куќа. Со петиција се апелира за тоа армијата на САД да интервенира „против диктатурата на Јанукович“.

Локалните медиуми пишуваат уште дека порано во одговор на одлуката на украинските власти за прекин на процесот на приближување на Украина со ЕУ на сајтот на Белата куќа се појави петиција со барање да бидат воведени санкции против украинското раководство. Таа е поддржана досега од над 100.000 лица, поради што американските власти се должни да реагираат .

Во Киев и други украински градови повеќе од една недела се одржуваат митинзи за поддршка на евроинтеграцијата на Украина и за оставка на раководството на земјата. Во Киев за време на викендот имаше судири меѓу полицијата и демонстрантите. Приврзаници на опозицијата ја зазедоа зградата на општината, а утрово ја блокираа зградата на Владата. Вчера имаше обид за напад на претседателската администрација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.