Улф Брунбауер, австриски историчар за Независен: Барањата на Бугарија се смешни

За прашањето дали Македонија ѝ припаѓа на ЕУ или не, корените на нејзината државност и староста на нејзиниот национален идентитет и јазик се тотално небитни. Австријците не постоеја како посебна нација пред 1945 година и сега се среќни Европејци, а Германија не наметна никакви барања Австријците да ја преработат својата историја пред да влезат во ЕУ.

Така што, сегашниве барањата на Бугарите околу историјата се смешни и значат напад на слободата на изразувањето“, вели во интервју за Независен познатиот австриски историчар Улф Брунбауер, кој предава историја за Источна и Југоисточна Европа на Универзитетот во германскиот град Регенсбург. Тој е и академски директор на Институтот Лајбниц за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург. Околу различното толкување на историските настани Брунбауер вели дека „не станува збор за објективна вистина, туку за разбирање на вистината на другата страна. Не им штети на Македонците ако Бугарите сметаат дека Мисирков е Бугарин, и не им прави никаква штета на Бугарите ако Македонците тврдат дека Делчев бил Македонец“. Во своите истражувања тој е фокусиран на социјалната историја на Балканот во 19 и 20 век и градењето на нациите. Во делото „Древната националност и вековната борба за државност: историографските митови во Република Македонија“, Брунбауер прави пресек на историјата на македонската нација.

За бугарските историчари, и голем дел од политичарите, создавањето на македонската нација и македонскиот јазик изгледа како никогаш непрежален дел од историјата и откинат дел од бугарскиот народ. За Македонците тоа изгледа како целосно апсурден став. Може ли тука да се изгради некаков мост?
Секако дека може да се изгради мост, тој всушност постои: треба да се сфати сериозно она што го напишале сериозните историчари, од странство, но и од Бугарија и Македонија, кои го анализирале процесот на градење нација на Македонците (и на Бугарите). И двата народа се „измислени“ и „создадени“, како и секоја друга нација, и во градењето на бугарската нација тврдењата за Македонија беа, исто така, важни. Македонците, исто така, треба да прифатат дека многу од нивните херои од 19. век навистина се сметале себеси за Бугари, и дека за многумина странци во тоа време словенскиот јазик што се зборувал бил бугарски.
Но, дали е ова важно денес?
Јас гледам голем потенцијал во билатералната комисија на историчарите ако му помогнат на општествата да разберат зошто „другата страна“ размислува како што размислува. Не станува збор за објективна вистина, туку за разбирање на вистината на другата страна. Не им штети на Македонците ако Бугарите сметаат дека Мисирков е Бугарин, и не им прави никаква штета на Бугарите ако Македонците тврдат дека Делчев бил Македонец. Оставете го на историчарите да дознаат за што навистина размислувале и за што се бореле овие луѓе.

Како историчар вие ги посматрате пошироките процеси во подолго време. Може ли 50-60 години од крајот на Отоманската империја да го одредат идентификацискиот ген на една нација, а тоа да не важи за 70 години живот на Македонците во Југославија.

За историчар, не е важно прашањето дали нацијата е „постара“ или „помлада“. Впрочем, македонската нација беше официјално признаена дури во 1944 година и потоа ги доби сите официјални прерогативи на независна нација, плус држава. Но, тоа не се случи од никаде, имаше семе да се изгради, како што е чувството за посебен регионален македонски национален идентитет, што можеме да го следиме во 19. век. Да не заборавиме дека бугарската држава двапати, како окупаторска моќ во Вардарска Македонија, во двете светски војни, направи сѐ за да го отуѓи локалното население. Така, антибугарските сентименти не беа комунистички изум, туку беа вкоренети во искуството од бугарската окупација. Точно е дека целокупното бугарско градење нација започна многу порано од македонското – но, пак, подоцна од грчкото или српското, на пример. Но, ова треба да биде важно само за историчарите. Како роден Австриец, јас сум горд што сум припадник на многу млада нација, можеби дури и помлада од македонската, но можам да бидам горд на нашето заедничко историско наследство на Централна Европа. Важно ли ми е дали Моцарт се сметаше себеси за Германец или Австриец (добро, најмногу од сè мислам дека тој беше горд женкар и секако музички генијалец)? Воопшто не.

Македонија во времето на Никола Груевски се обидуваше со митологизацијата на минатото и античките корени да ја прикаже големината на нацијата. Македонското општество, за среќа, се ослободи од тој мит. Но сега гледа дека Бугарија со сопствениот мит за нејзината нација и јазик сака да ја проектира македонската нација во една временска отсечка. Има ли логика во тоа?
Па, историските политики на Груевски сигурно не беа корисни. Тие го обезличија Скопје, пропагираа историски измислици и непотребно ги испровоцираа Грција и Бугарија. Како мала земја, исто така, мора да бидете паметни и не треба да бидете испровоцирани од помоќни соседи, дури и ако сте во право. Денешните барања на Бугарија не се корисни затоа што им покажуваат на Македонците дека какви било „жртви“ што ќе ги направат од нивна страна, тоа нема да биде доволно. Што ќе биде следно во редот на барањата на некаков апсурден историски ревизионизам од Македонија? Ваквиот притисок од странство не му помага на македонското општество да добие пореално и инклузивно чувство за сопствената историја и идентитет. Напротив, примитивниот национализам од странство најверојатно ќе предизвика слични примитивни одговори во земјата. Ова е навистина штетно, бидејќи треба да имаме предвид дека „официјалниот“ историски наратив на Македонија досега не ги интегрира искуствата на нејзините муслимански малцинства.

Митологијата беше главен мотив во европските држави и создавањето на современите нации во 19. век. Балканот со митовите се занимава и во 21. век. Дали рационалноста сѐ уште не може да стигне до балканските народи?

Се разбира, може. Луѓето на Балканот се нормални луѓе, повеќето разумни и толерантни, некои глупави и полни со омраза. Како и насекаде во светот. Неодамнешната историја не беше многу пријателска за Балканот. Значи, разбирливо е дека нивото на фрустрација – а со тоа и отвореност кон чудни идеи – може да биде повисоко отколку, на пример, во Германија. Така, главниот проблем не се народите, туку нивните политички елити: овие честопати немаат многу да понудат, тие често мислат само на сопствената благосостојба, па зависат од ширење омраза и на сите видови митови, кои резонираат во земји каде што медиумскиот пејзаж е навистина ужасен.

Има една контрадикторност во бугарската позиција околу барањето сите херои на македонската револуционерна борба официјално да бидат означени како Бугари. Нивниот тврд став само ги оддалечува Македонците од Бугарите, кои постојано тврдат дека ние сме браќа. Поголемиот дел од македонската јавност мисли дека ние не сме ни братучеди, а камоли браќа. Така, односите меѓу двете држави драматично се оддалечуваат наместо да се доближуваат, а Бугарите во многу анкети се на дното на скалата на пријателски народи.
Точно, ова не е најдобриот начин да се дружите: да му кажете на вашиот претпоставен пријател дека она во што тој или таа верува, е ѓубре. Вистинските пријателства значат прифаќање на различни мислења, а исто така и добрососедските односи меѓу земјите зависат од прифаќањето на разликата. Ако Бугарите сакаат да бидат добри пријатели со Македонците, зошто не се започне со признавање и дискутирање на воените злосторства извршени од бугарските окупаторски сили на македонска територија за време на Втората светска војна? Ова, всушност, е многу поважно прашање од тоа дали некој во 19. век се нарекувал Бугарин или Македонец. Јасно е дека бугарските барања главно ја таргетираат домашната публика, тие треба да им покажат на Бугарите каков голем бранител на националната гордост е нивната сегашна влада.
Интервјуто со познатиот австриски историчар Улф Брунбауер во целост прочитајте го тука.