Уличната демократија ќе биде погубна за Македонија, но добитна за Грција

Интензивно пропагирање на идејата за вонинституционално дејствување, во последниве неколку денови, пропагираат проопозициските новинари и некои од членовите на СДСМ и нејзините коалициски партнери.

Знаменосец е главниот уредник на порталот „Плусинфо“ и на дневниот весник „Слободен Печат“, Бранко Героски. Очигледно опозиционерите и нивните пулени, не гледаат друг излез од катастрофалниот изборен пораз, кој го доживеаја во првиот круг од претседателските избори, а кој им гарантира дебакл и на претстојниот втор круг, но и на парламентарните избори. Очајни се. Едноставно неможат да се помират дека повторно остануваат во опозиција.

Изборите да се бојкотираат, СДСМ да нема свои претставници во законодавниот дом, да се дејствува континуирано од улица. Со протести. Тоа е нивниот единствен излез што го гледаат. Тоа е нивната светла точка на крајот од тунелот. Тоа е нивниот начин да дојдат на власт. Насилно.

Природни се аспирациите на една политичка опозиција да се бори жестоко за да дојде на власт. Но, сето тоа треба да се прави демокртаски. Се разбира, неизлегување на избори, протести на улица, бојкот на инситуциите на ситемот, граѓанска непослушност….сето тоа, но и дузина други чекори се демократски мерки.

Колку и СДСМ да се преставува дека се силни и дека народот е на нивна страна, сепак изборите го покажаа спротивното. Опозицијата и нејзиниот кандидат освоија дури 122.000 гласови помалку. Изборните нерегуларности, пак, минимални. Така барем оценија најмиродавните. Така го дефинираше првиот циклус од претседателските избори Државната изборна комисија (ДИК). Тоа е најмиродавната институција за ова. На чело на ДИК е човек од опозицијата. Ама сепак СДСМ и нивните новинарски перјаници упорно тврдат дека имало огромни нерегуларности. Истото го тврдеа и лани, за локалните избори. Потполно истото. Прво упорно се настојуваше на бојкот на изборите. Но, по реакцијата на Брисел, немаше бојкотирање. Откако изборите завршија веднаш во јавноста се пласираше тезата дека тие се нерегуларни. Сега повторно истото.

Ама обвинувањата треба да се докажат, но нивните докази ги нема. Само муабет, и толку. Зошто тогаш нивниот човек во ДИК го тврди спротивното? Зошто тој, кога и’ се обрати на јавноста не рече дека има големи изборни нерегуларности?

Иако Геровски тврди дека не е точно оти е ширење на дефетизам, сепак по се’ изгледа дека токму е тоа, дека станува збор за неверување во успехот на дејствувањето, дека сепак постои чувство на исцрпеност и истрошеност.

Но, има нешто што е над сето тоа. Државата и интересите на народот. Моментот. Поддршката од мнозинството граѓани. Помислата на оние семејства, чии членови почнале да работат во компаниите на странските инвоститори, кои постојано доаѓаат во Македонија. Што ќе помислат тие што вложуваат пари тука? Или треба да се предомислат и да заминат. Да се исплашат од политичката нестабилност. А, оние што почнале да работат, да си останат дома, без работа, без плата, без леб. И тоа само поради интересот на СДСМ да дојде на власт, и тоа на секој можен начин, само не со поддршка од мнозинството граѓани.

Но, за момент, хипотетички…да се обидеме да ја пресликаме целата ситуација за улична демократија во обратна смисла. Да ги поставиме работите малку поинаку. Дали од моментот кога ВМРО ДПМНЕ ќе биде во опозиција, а тој момент еден ден мора да се случи, веднаш ќе треба да посегне по преседанот на вониснтитуционално дејствување.

Факт е дека секоја од овие две партии може да извади огромна маса луѓе на улица. Но, и факт е дека кога ВМРО ДПМНЕ ќе извади, тогаш тоа сигурно ќе биде „вмровски“ и „радикално“. Така барем беше во минатото. Несомнено е дека одредени членови на ВМРО ДПМНЕ се многу порадикални отколку истите такви во СДСМ. Но, многу важен момент е и поголемото членство, кое оваа партија го има од својот политички опонент, што е рака на срце е пресудно во практикувањето на т.н. улична демократија.

А, ако сега СДСМ одлучи да дејствува така, тогаш на ВМРО ДПМНЕ нема ништо да му преостане освен да возврати на ист начин, во оној момент кога ќе биде во опозиција.

Но, од круцијално значење е прашањето кому најмногу всушност му значи идејата на на знаменосецот Героски, силно поддржана од другите проопозициски новинари и од опозициската коалиција?

Одговорот е едноставен – Грција!

Зошто тоа е несомнено нашиот јужен сосед? Атинските фанфарите ќе бидат многу, многу гласни во Брисел. Ќе си имаат голем аргумент против Македонија. Бетонска подлога за негативни извештаи. Аспирантот за влез во ЕУ – Македонија, земја со континуирана политичка нестабилност, земја со постојани проблеми…

А, можеби најавата на Јоргос Шацимаркакис дека тој лично ќе бара ЕУ да и’ го укине кандидатскиот статус на Македонија е само првиот чекор во еден многу поголем план. Германскиот европратеник, со грчко потекло, кој важи за многу контроверзен и кој постојано за себе вели дека е повеќе Грк отколку Германец, преку медиумите во Грција, пред само околу една недела, порача дека ќе барал поништување на апликацијата на Македонија за членство во ЕУ. Европратеникот и ко-претседавач со мешовитиот парламентарен комитет Македонија ЕУ, во своите најави не навел никакви аргумент за потегот. Можеби, пак неговите аргументи се кријат токму тука, кај нас дома? Којзнае. Тој е близок со некои пропозициски новинари во Макеоднија. Многу близок. Заеднички си организираат и панел дискусии за состојбите со медиумите во земјава.

Од друга страна, ваквиот развој на настаните, на Македонија ќе и’ донесе и други големи проблеми, ќе и’ донесе континуирани жестоки денови и дефокусирање од реформите и проектите, од економијата, од сите просперитетни сегменти.

Форсирањето на идејата за вонинституционално дејствување, за т.н. улична демократија е ништо повеќе од одработување за Грција. Опасно е. Многу е опасно за македонската економија, за сите граѓани во земјава, за безбедносната ситуација, за надворешната политика на државава, и за нашите евроатлантски аспирации.

Едноставно ќе биде многу погубна за Македонија, но многу добитна за Грција.