Денешното живеење е време на промени, време на преобразби во технолошкиот, економскиот, политичкиот, културниот живот. Во овие рамки е и преобразбата во воспитно-образовниот процес како неразделен дел од единствениот воспитно-образовен процес.
Цел на програмата за воспитно-образовната дејност во предучилишното воспитание и образование е формирање на личност во развивање во можните креaтивни способности кај децата од предучилишната возраст. Во предучилишните установи таквата личност ќе се формира преку играта, работата и учењето како основни детски активности. Со активностите ќе се развиваат и креативните способности кај децата.
Голем придонес за тоа дали децата ќе се развиваат во креативни личности зависи од самиот воспитувач. Секое здраво родено дете со нормална телесна тежина кое уредно расте и физички се развива, односно има нормален психофизички развој во најраното детсво, е предуслов кај децата од предучилишна возраст да се развијат креативни способности.
Уште при првото прифаќање на детето во градинката, воспитувачот треба да воспостави добар содржаен, емоционален, родителски, пријателски и кооперативен соработнички однос. Природното однесување кон детето е основа за создавање емотивна пријатна клима, да се совлада стравот од грешка, а секоја грешка заедно да ја поправат. Се спроведува организирана, осмислена програма, при што детето е субјект и партнер во активноста, односно во секоја активност, учествуваат децата кои имаат поголема слобода во мислите, во своите изработки кои поставуваат прашања, покажуваат сознанија, интереси и слично.
Воспитувачот воспоставува блиски односи со децата, се труди што подобро да го запознае своето дете, да ги почитува нивните потреби и интереси, да ја почитува креативноста, секогаш подготвен да им помогне кога е потребно, да ги охрабри и да не им го наметнува своето мислење.
Сите напред наведени постапки се насочени кон тоа да се создаде атмосфера во која ќе се развиваат богат и содржаен живот, позитивни чувства и детска креативност.
Што покажуваат некои истражувања? Каков треба да биде воспитувачот со децата?
Имено, денес многу педагози, психолози, социолози се занимаваат со оваа работа. Во практиката има чести примери некои деца да не сакат, а други да сакаат да ја посетуваат предучилишната установа (градинка). Зошто? Од моите педагошки истражувања (како специјалист по педагошки науки, со посебна област за детските и човековите права) има повеќе причини, зошто некои деца не сакаат да ги посетуваат предучилишните установи. Ќе наведам само некои од нив:
- Страв од воспитувачот (да не го скара, тепа, да не погреши при работа и сл.)
- Неприфатено самото дете од воспитувачот (оставено на само себеси, пасивно и сл.)
- Страв од грешка при работа (неможе да се искаже, да испее песничка, да црта и сл.)
Причини поради кој децата сакаат да ја посетуваат предучилишната установа:
- Љубов кон воспитувачот,
- Прифатени се од средината,
- Затоа што таму има разни играчки, слики, сликовници, стекнува нови другарчиња, се запознава со нови и интересни активности кои воспитувачот ги пренесува преку игрите, преку слободните и насочените активности.
Воспитувачот треба да биде комплетно подготвен во својата работа да ги знае сите деца и да ги прифати истите. Тој треба да го има во предвид фактот дека секое дете е индивидуа сама за себе, и дека не постојат две исти деца, односно како што во педагошката литература и периодика е истакнато „детето е растение кое расте и треба да се негува“, или како што истакнува американскиот автор Елена Вајт во својата книга „Совети за правилно воспитување на детето“, дека: „Постои голема веројатност и можност дури и наједноставното и најслабото дете, кое не ветува многу, да постигне највисоки дострели во животот кои од почеток за него навидум се невозможни… Учете го секое дете да биде самостојно. Преку практикување на различни способности, тоа ќе научи каде е најсилно и каде има недостатоци“. Потоа наведува Вајт дека: „Мудриот едукатор, ќе посвети посебно внимание на развитокот на посебните црти, за детето да може да формира добро урамнотежен, хармоничен карактер“ (Елена Вајт), за да понатака истакне дека: „Мудриот воспитувач, со своето постапување кон децата-учениците, ќе се труди да ја придобие нивната доверба и да го засили чувството на почит. Врз децата и младите поволно делува кога им се укажува доверба. Мнозина меѓу нив, дури и малите деца, имаат високо чувство на почит, сите сакаат со нив да се постапува со доверба и почитување, и тоа е нивно право… Наведете ги младите да почувствуваат дека им верувате и само ретки помеѓу нив нема да се потрудат да покажат дека ја заслужуваат довербата“, истакнува американскиот автор (Елена Вајт 1827-1915).
Од напред наведеното треба да се истакне дека децата во својот воспитувач гледаат свој идеал, своја перспектива сигурност во работата која ја работаат.
Воспитувачот е тој кој дава тон на целата атмосфера во предучилишната установа. Од него зависи дали децата ќе бидат весели, спонтани во своите прашувања и барања, колку ќе го засакаат и ќе имаат доверба во него. Воспитувачот треба да гледа еднакво на сите деца бидејќи во секое време психо-физички здраво дете има потенцијал од него да се развие вистинска креативна личност. Воспитувачот треба да биде во тек со сите современи случувања (пратење на педагошко-психолошка, социолошка и друга литература), да е иницијативен, креативен во активностите, да внесе разновидни новини во активностите, каде што децата ќе ги искажуваат своите индивидуални способности и интереси.
На овој план, македонскиот доајен на педагогијата проф.д-р Никола Петров, во неговите многу бројни книги од предучилишнта педагогија ќе истакне: „…Играта е најдостапен вид на активност преку која тие се воведуваат во околниот свет и се запознваат со него. Играта е доминантна активност, форма и средство и метод со кое детето ги изразува и ги задоволува потиснатите и вознемирувачките емоции, скриените желби, фантазиите и ставовите. Со играта детето ги искажува своите интереси, мисли се воспоставуваат волјата и карактерот, се формираат норми на однесување, чувство на заемно живеење во колективот. Преку играта децата добиваат искуства и нив ги применуваат. Исто така, преку игрите се прекршуваат сите психички процеси кој на детето му овозможуваат интелектуален развој и посовремена организација на личноста. Така, во секојдневната практика воспитувачот треба децата да ги потикнува во нивното играње, да им ја приближи средината која е околу нив, на средби со различни луѓе со што на креативен начин се збогатува детското искуство“.
Сето тоа зависи од самиот воспитувач и колку предучилишните деца ќе го искажат својот креативен однос. При планирањето и реализирањето на воспитно-образовните содржини, воспитувачот секогаш треба да поаѓа од статдиумот на возраста, психофизичките способности и карактеристики на децата.
Доколку воспитувачот е креативен, тогаш и од неговите воспитаници ќе развива индивидуални, креативни творечки способности, што е цел на Програмата за воспитна образовна дејност во предучилишното воспитание и образование.
Идентификување на посебните способности кај децата
Секој воспитувач како што истакнав уште од самиот почеток ја има првата и основна задача да ги запознае поединечно и целосно сите деца во својата група. Преку играта, работата и учењето секое дете спонтано се однесува во дадените активности, а воспитувачот треба да ги идентификува посебните способности кај децата и тоа преку слободните и насочените активности и тоа преку:
- Импровизирање од обичен материјал:
- Прават играчки од различен материјал и парчиња,
- Употребува обични предмети за да ги реши проблемите вокреативните драмски игри, умтничкото доживување и сл.
- Играње улоги и раскажување сказни
- Целосно се однесува во играњето на улогите, креативните драмски игри или говорни сказни.
- Доаѓа до нови идеи во процесот на играњето, по улогите при раскажувањето на сказните.
- Измислува необични, неочекувани решенија во кажувањето на сказните и од играњето на улогите.
- Визуелна уметност
- Сака да црта, бои, обликува.
- Целосно доживува и чуствува пријатност во тоа (цртањето, боењето и обликувањето).
- Го разбира предметот „ читајќи ги“
- Вешто и добро комуницира по пат на цртање, боење и други визуелни медиуми.
- Кажува сказни и ги прераскажува настаните како навистина да се случиле.
- Креативни движења и играња
- Ги сака игрите и движењата,
- Целосно го доживува креативното движење-игрите,
- Може да интерпретира песни, сказни низ креативни игри
- Музика и ритам
- Пишува, црта и се движи во ритам,
- Ги интерпретира идеите низ музика или ритам,
- Изразит говор
- Говорот му е обоен и сликовит,
- Говорот му е жив (интензивен, возбудлив),
- Измислува зборови и комбинира борови,
- Ги прераскажува сказните како навистина да се случуваат и сл.
Преку овие слободни и насочени активности се следи детскиот креативен развој и истиот се потикнува. Воспитувачот не смее да донесе никаков суд врз основа на првичните оценки во смисла на тоа дали детето е креативно или не, туку треба низ педагошки мерки да ги потикнува и забрзува нивниот развој.
Основната цел и задачите на предучилишната програма е потикнување на детскиот развој, што подразбира развивање на мислењето, говорот и на други експресивни способности на концепциите, моториката, креативноста, развивање на волјата, моралното судење и истражувачкиот дух.
Со детската игра креативните активности даваат свој придонес за организацијата и за менувањето на детското време и простор со што се менуваат и самите тие. Креативните способности, како една од најважните карактеристики на човекот, се вродени и во поголема или помала мера секој ги поседува. Креативната способност е доволен услов тие да се познаваат во одреден период и овие способности прво треба воспитувачот да ги идентификува, потоа да се потикнуваат и култивираат, а таа значјна улога му припаѓа на воспитувањето односно на предучилишното воспитание.
Од сето напред наведено улогата на воспитувачот во овие рамки треба да е тактична, постапна и со голема умешност да се развива креативните способности кај децата, а и во својата воспитна практика воспитувачот работејќи креативно ги наоѓа креативните способности кај децата преку воспитно образовните области.
Се’ за децата и нивниот најдобар интерес, за нивниот раст и развој!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес