Уметничките дела на Шпицвег и Вурм во виенскиот Леополд музеј

Изложбата под наслов „Карл Шпицвег – Ервин Вурм; вкусно! вкусно?“која опфаќа 115 дела на германскиот сликар од периодот на бидермајерот Шпицвег и современиот австриски уметник Вурм, кој оваа година ќе ја претставува Австрија на биеналето во Венеција, беше отворена во Леополд музејот во Виена на 24-ти март, а посетителите ќе може да ја погледнат до 19-ти јули.

Изложбата опфаќа 100 масла на платно и цртежи на германскиот сликар од периодот на бидермаерот Карл Шпицвег (1808 – 1885 година), како и 15 скулптурални и фотографски уметнички интервенции на австрискиот современ  уметник Ервин Вурм кои се поставени во средината на изложбениот простор и се во директен дијалог со уметничките дела на Шпицвег. Под насловот „Среќно ќоше“, изложена е типична австриска куќа од повоената архитектура со цвеќиња на прозорците со димензии 17 на 8 метри.

3667

„Иако се сосема различни и според периодот во кој живеле и по начинот на уметничкото изразување, двајцата уметници на посебен начин со примеси на хумор го прикажуваат секојдневието од поинаква перспектива“, изјави пред отворањето на изложбата во Леоплд музејот неговиот директор и кустос на изложбата, Ханс-Петер Виплингер. Според него, уметниците во уметничките дела ги прикажуваат критичките рефлексии на нивните времиња и општества.

3685

Шпицвег со маслата на платно и цртежите со мали формати го тематизира светот на граѓанското општество и критички се осврнува на бирократијата, државната администрација и малограѓанштината, додека Ервин Вурм со предимензионираното дело „Капата на њујоршкиот полицаец“ го тематизира прашањето на контролата, надзорот и ограничувањата на приватноста.

„Двајцата уметници многу добро одат заедно, иако евидентно се различни, имаат многу заедничко, критички се набљудувачи на општествените движења, имаат афинитет кон филозофијата и науката, заедно се преплетуваат во приказот на темите на хармоничната идила и општественото однесување“, смета Виплингер.

Истакнува дека тоа е првата изложба на Шпицвег во Австрија по речиси 130 години по неговата смрт.