Уметникот и хуманист Мајкл Клос подарува свои дела за охридската Општа болница

– Хуманистот и уметник од македонскот потекло Мајкл Клос, кој живее и твори во Канада, во знак на солидарност и поддршка на македонското здравство ќе подари неколку свои уметнички дела на Инфективното одделение на Општата болница во Охрид.

Во неможност да дојде лично, Клос од 20-тината платна, по едно ќе подари за министерот за здравство Венко Филипче и за директорот на охридската болница Горан Балевски, кој однапред, одлучи да го отстапи на Одделот за неуро – психијатрија.

Ако не секоја година, тогаш барем на неколку години, Клос настојува да биде во Охрид и во нашата држава, блиску до родната грутка на родителите, во сега веќе непостојното село Трсија кај Лерин. Од разбирливи причини тоа не му успеа ова лето, но со овој гест покажува дека барем со мислите е тука.

Мајкл Клос е плоден уметник со над 300 самостојни изложби во 50-тина земји зад себе. Има изложувано во Руската Федерација, Казахстан, Кина, во престижните музеи во Њујорк, во Галеријата на македонската мисија на Обеднитетите нации (ОН), во Рим, Ватикан, неколкупати во земјава.

„Од Клос зрачи Македонија. Дали се тоа фрески, или не, јас не знам, но знам дека е тоа врвот на модерното“, така Клос го опиша охридскиот уметник Вангел Наумоски.

Клос е роден 1954 година во Торонто. Делата честопати ги донира за поддршка на добротворни организации.