Уморни сме од избори, од нејасни ставови и константни промени, порачува бизнисот

38

Во април годинава избиравме претседател на државата, а следната година, повторно во април, треба да се одржат предвремени парламентарни избори. Потоа, во 2021-ва, не чекаат нови локални избори.

Предвремени парламентарни избори имаше и во декември 2016 година, а локални пред две години, во октомври 2017-та.

Избори, избори, избори,…

Мачно звучи набројувањето, но уште помачни се секојдневните „реперкусии“ во пракса кои, како по правило, после грѓаните, најмногу ги чувствува реалниот сектор.

Ќе значат ли предвремените парламентарни избори во 2020-та уште еден удар за стопанството? Ќе ги пролонгираат ли планираните инвестициски проекти на домашните и странските компании? Дали ќе се одразат на економскиот раст?

-Повеќе од јасно е дека изборниот процес претставува кочничар за нормално функционирање на економијата. Постојат законски ограничувања за спроведување јавни набавки, инвестициските активности на компаниите често се злоупотребуваат за изборни цели. Едноставно, се создава атмосфера која го нарушува нормалното функционирање на бизнисот. Во конкретниов случај со предвремените избори, ја имаме следната состојба: за предвремени избори се зборува веќе три месеци, закажавме избори 5,5 месеци порано и да претпоставиме дека уште еден месец ќе има приговори, прегласувања,… Практично, цела година сме во некаква тензија. Произлегува дека буквално сé се врти околу активностите пред изборите, за време на изборите, после изборите, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески според кој, очигледно сме рекордери во предвремени избори зашто од 2000 година досега, буквално цели 19 години, немаме одржано редовни парламентарни избори.

За Азески се спорни и должината на изборната кампања, како и рокот за конституирање на избраните органи.

-Должината на изборната кампања мора да биде сведена на најкус можен рок за да се скрати периодот во кој државните органи се оневозможени да ја извршуваат својата функција со полн капацитет. И рокот за конституирање на избраните органи, исто така, мора да биде што пократок за да може функционирањето на државата да се одвива нормално. Сите сме сведоци на примерот на спроведување на изборите во Грција. Во недела се одржуваат избори, веднаш во понеделник веќе се полага заклетва пред претседателот и архиепископот и изборите се спроведени. Добивам впечаток дека од сите можни изборни модели што ни биле на располагање, сме го избрале најлошиот, истакнува претседателот на Стопанската комора.

Реалниот сектор, потенцира, бара спроведување брзи, едноставни и беспрекорни избори.

-За тоа имаме одлична прилика, бидејќи пред нас се цели пет месеци да се подготвиме и првпат да организираме избори кои народот ги нарекува „скандинавски модел“. За бизнисот тоа ќе биде од огромна корист, а и за репутацијата на државата ќе биде голема придобивка, дециден е Азески.

Во овој контекст се осврнува и на финансирањето на политичките партии кое, вели, треба да биде регулирано на начин што ќе оневозможи политичко рекетирање како основа за натамошно коруптивно функционирање.

-Изминатиот период често бевме сведоци на партиски реваншизам и на силни притисоци, па така, изборите наместо празник на демократијата, беа вистински кошмар за бизнисот, додава Азески.

Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) порачува дека бизнисот е веќе уморен од избори.

-Изборите секогаш имаат негативно влијание врз нашата работа. Уморни сме веќе од постојани избори, на секои две години, од нејасни ставови и константни промени во секоја смисла на зборот. Тоа создава несигурност кај бизнисот посебно во делот на реализирање на инвестициските планови и проекти поврзани со институциите. Сметаме дека е најлошо што се уште продолжува агонијата со новата изјава на премиерот, дали ќе има или ќе нема избори ако се ратификува  протоколот за членство во НАТО, вели извршниот директор на СКСЗМ, Дрилон Исени.

Исени оценува дека од аспект на БДП, последниот квартал од годинава ќе „виси“ токму зашто се најавени предвремени избори.

-Практично, и првиот и вториот квартал наредната година ќе мируваат од аспект на раст. Придвижување ќе има дури следниот септепври или во третиот квартал од 2020-та, нагласува директорот.

Укажува и дека СКСЗМ размислува да предложи воспоставување пракса – некои од министерствата (финансии, труд и образование) да имаат експерти (луѓе на располагање) кои ќе работат за време на кои било избори. – Идејата е да нема застои и за време на избори, да се тераат проектите, без разлика кој е на власт. Ваква пракса имa само во нормални држави, дециден е Исени.

И Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) е на ставот дека поради честите избори се одложуваат инвестициските активности, а економијата забавува.

-Континуирано сме во изборни циклуси, било предвремени или редовни, парламентарни, локални, претседателски на кои им претходат политички кампањи со месеци, а резултатот е намалување на економските активности. Приватниот сектор повторно ќе влезе во циклус на неизвесност предизвикан од политичките превирања, што ќе значи одложување на инвестициските активности и забавување на економијата, вели претседателката на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.

Според неа, за да има раст, економијата има потреба од основни услови базирани на предвидливост, сигурност и континуитет. Во моментните услови, предвидувањата на деловната заедница за периодот кој претстои не се оптимистички.

-Тоа е неопходно за да имаме јасна слика за реализација на планираните инвестиции или уште попрецизно, мотив за почнување нови инвестиции, особено за долгорочните планирања. Во спротивно се очекува резервираност кај компаниите и откажување или одложување на планираното. Во таа насока, потребна е континуирана имплементација на структурните економски рефоми, со приоритет на овозможување на владеење на правото, справување со криминалот и корупцијата за да се обезбеди конзистентност во спроведувањето развојни економски мерки како приоритет, нагласува Арсовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.