Умре најстариот либерален член на Врховниот суд на САД, Рут Гинзбург

. (AP Photo/Patrick Semansky, File)

Најстариот член на американскиот Врховен суд, 87-годишната либерална судијка Рут Бејдер Гинзбург починала во петокот вечрта од рак, што ја отвора можноста претседателот Доналд Трамп да го именува третиот судија во оваа институција во својот мандат и да го зголеми конзервативното мнозинство пред претседателските избори, што демократите сакаат да го оневозможат.

„Судијката Рут Бејдер Гинзбург почина верчерва опкружена од нејзиното семејство во нејзиниот дом во Вашингтон, поради компликации од рак на панкреасот“, се вели во соопштението на американскиот Врховен суд.

Гинзбург, која е доживувана како икона на борбата за правата на жените, беше втората жена судија на Врховниот суд во историјата на САД, и таа функција ја извршуваше повеќе од 27 години. Се соочуваше со сериозни здравствени проблеми во текот на изминатите неколку години.

„Ние во Врховниот суд загубивме ценета колешка. Денеска жалиме, но со увереност дека идните генерации Рут Бејдер Гинзбург ќе ја паметат како и ние – како неуморна и решителна шампионка на правдата“, изјави претседателот на судот Џон Робертс, кој беше именуван во мандатот на републиканскиот претседател Џорџ Буш помладиот.

Вообичаено по смртта на судија на Врховниот суд, местото кое има доживотно назначување, мора да биде што поскоро пополнето. Со тоа се отвора можноста републиканскиот претседател Доналд Трамп на шест седмици до изборите да номинира свој кандидат, кој мора да биде одобрен во Сенатот. Бидејќи во горниот дом на американскиот Конгрес мнозинството го имаат републиканците, се создава простор дополнително да се измени идеолошката рамнотежа во овој суд во кој сега има пет конзервативни и четворица либерални судии, со што највисоката судска институција во САД дополнително би свртела в десно.

Претседателот Трамп во текот на својот мандат именуваше двајца конзервативни судии, Нил Горсач во 2017-та, и Брет Кавано во 2018 година. Од номинирањето на Горсач до изборот во Сенатот минаа 67 денови, додека Кавано следната година беше именуван за 89 дена. Така што сега станува збор и за трка со времето, бидејќи американските претседателски избори ќе се одржат на 3-ти ноември.

Според јавното американски радио National Public Radio, неколку дена пред смртта, Гинзбург која е доживувана за идол на таканаречената „либерална и прогресивна јавност“, наводно на својата внука ѝ рекла дека „најголема желба“ ѝ е да живее до претседателските избори, така што доколку умре, друг претседател да го пополни испразнетото место.

За тоа се залага и водачот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, иако нема никакви законски одредби кои тоа го овозможуваат. „Американскиот народ мора да гласа за изборот на идниот судија на Врховниот суд. Оттаму, местото не смее да биде пополнето до новиот претседател“, напиша Шумер на својот профил на Twitter.

На следните општи избори на 3-ти ноември во САД ќе се гласа за претседателот и потпретседателот на државата, за сите 435 членови на Претставнничкиот дом и за една третина од Сентатот на Конгресот, како и за гувернери на 13 сојузни држави и територии.