Умтити ја одведе Франција во финалето

Француската фудбалска селекција е првиот финалист на Светското првенство откако во вторникот вечерта во Санкт Петербург ја совлада Белгија со 1:0 (0:0), а стрелец на победничкиот гол беше дефанзивецот Самуел Умтити во 51 минута.

Големиот влог кој беше во игра ги направи оловни нозете на играчите и на двете репрезентации на самото отворање на натпреварот, но како што одминуваше времето, фудбалерите се ослободуваа од големиот товар и пружија меч достоен за полуфинале на најголемата светска смотра.

Први од почетната трема се ослободија Белгијците кои во периодот од 16 до 21 минута создадоа три одлични шанси и тоа преку нивниот најдобар играч Еден Азар. Токму Азар прв се закани во 16 минута , но неговиот удар од десетина метри откосо мина крај стативата. Три минути подоцна повторно се обиде, но овојпат шутираше повисоко од работ на шеснаесетникот но Варан успеа со глава топката да ја префрли преку пречката. Одличните половина час игра Белгија ги заврши со приземно нафрлување на Де Нрујне во петерецот каде што Умтити во последен момент ја изби топката пред налетот на белгиските напаѓачи. Следеше одговор на Французите кои од 30 до 40 минута создадоа исто така три добри можности пред белгискиот гол. Жиру во 31 минута од тепка позиција со глава од десетина метри не го погоди голот, а по три минути имаше многу подобра ситуација откако Гризман со одлична топка го исфрли Мбапе по десната страна, овој упати повратна топка во центарот на казнениот простор кон Жиру но овој реагираше многу слабо. Најголмата шана шанса во првото полувреме Франција не ја реализираше во 39 минута кога Мбапе комбинираше со Павар, а десниот бек наместо да додаде до Гризман кој беше во подобра позиција од седум метри се реши на удар но Куртоа одбрани.

Второто полувреме Белгијците го започнаа со шанса, но Варан го попречи Лукаку во скокот по нафрлањето од Витзел. Клучниот момент се случи во 51 минута, Гризман изведе корнер а Умтити беше побрз и повисок во скокот од Фелаини чија рака топката ја закачи и заврши во белгиската мрежа. Набрзо Франција имаше шанса да го удвои водството по најдобрата акција на натпреварот, кога Матуиди додаде до Мбапе кој уште поубаво додаде со петица кон Жиру кој излезе сам пред Куртоа, но белгискиот голман уште еднаш ја одржа својата репрезентација во живот. Иако Белгија во последните половина час се обиде да создаде притисок со влегувањето на уште еден напаѓач – Мартенс, нејзините играч успеаја да создадат само уште две изгледни прилики за гол. Во 65 минута Фелаини шутираше со глава но неговиот обид мина крај стативата, а во 81 минута опасен шут упати од дваесетина метри Витзел, но Љорис беше на место. Во самата завршница Франција од противнапади можеше да оствари и поубедлива победа, но Куртоа успеа да ги одбрани обидите на Гризман и Толисо.

Франција во недела по третпат ќе игра во финале на Светско првенство. Во 1998 година ја освои титулата пред своите навивачи, а во 2006 година во Германија беше поразена од Италија по изведувањето на пеналите. За Белгија, пак, ова беше второ мундијалско полуфинале во историјата и втор пораз. Пред 32 години во Мексико беше поразена од Аргентина и на крајот заврши на четвртата позиција.