УНЕСКО го обединува Балканот

Меѓународниот проект насловен „Мостовите на Балканот зборуваат”, кој УНЕСКО го организира во земјите од Југо-Источна Европа и кој има за цел доближување на балканските идентитети и култури, веќе се одржа минатата година во Едрене, Турција и Ловеч, Бугарија, а оваа година продолжува во градот Берат во Албанија, каде од 27 до 30 март ќе се одржат голем број на манифестации за зближување на балканските култури.

Централниот симпозиум под наслов „Културната комуникација помеѓу градовите на УНЕСКО на Балканот” ќе го претседава Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА од Скопје, Јордан Плевнеш. По Берат настанот ќе се пресели во Ријека Црнојевиќа во Црна Гора, Мостар во Босна и Херцеговина, а кон крајот на оваа година домаќин на настанот ќе биде Струга и Мостот на поезијата.

Фактот што Ректорот на Универзитетот ЕСРА и Амбасадор на Македонија, Јордан Плевнеш ја претседава оваа конференција, е големо признание за македонската дипломатија бидејќи овој викенд во Берат ќе пристигне и генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова, во придружба на Министерката за култура на Албанија, Мирела Кумбаро, кои со свои излагања ќе се обратат на конференцијата со апел за европеизација на балканот и симболиката на историското зближување на балканските идентитети и култури.