УНЕСКО го одобри проектот за локалитетот Кокино

УНЕСКО го одобри проектот на Националната установа Музеј Куманово за научно афирмирање на локалитетот Кокино, информираа одговорните од установата кои за овој проект аплицираа минатата година преку Националната комисија за соработка со УНЕСКО, којашто, пак, е дел од Министерството за култура.

Годинава, музејот ќе организира меѓународен симпозиум, ќе публикува трудови и ќе реализира изложба на пронајдените артефакти.

„Прво планираме да организираме меѓународен симпозиум на кој ќе бидат поканети стручни лица кои се занимаваат со проблематиката на Кокино, со практикување на култни места и ритуали во праисторискиот период“, рече директорот на музејот, Дејан Ѓорѓиевски.

Идејата е, како што објасни, симпозиумот да стане традиционален и да ги обедини истражувачите кои се занимаваат со култните места. Во рамки на проектот предвидено е да се одржи и изложба на којашто ќе бидат презентирани пронејдените артефакти од Кокино, пропратена со изработен каталог.

„Она што е исклучително важно е публицирањето на трудовите кои беа прочитани минатата година, посветени токму на оваа проблематика на Кокино,на обредите и ритуалите кои се практикувани, како и трудовите од астрономски аспект“, додаде Ѓорѓиевски.

Публикацијата се подготвува оваа година, по што ќе следи рецензија, превод на англиски јазик за да биде достапна на меѓународната јавност, а ќе биде објавена наредната година, додека меѓународниот симпозиум планирано е да се одржи во првата недела од октомври. Донацијата од УНЕСКО е во вредност од 22.000 долари.