УНЕСКО ни даде шанса до февруари да се поправат штетите врз Охрид

Државава ќе добие уште неколку месеци за да ги исполни препораките на УНЕСКО за охридскиот регион дадени во 2017 година. Комитетот за светско наследство ги прифати забелешките на повеќе земји дека е направен извесен напредок, но земјава треба да добие дополнително време пред да се одлучува дали охридскиот регион ќе добие статус „светско наследство во опасност.“

„Власта до 1 февруари 2020 да поднесе до Комитетот за светско наследство нов извештај за зачувување на имотот, за испитување од Комитетот за светско наследство на 44-та сесија во 2020 година, со можност, во случај да се утврди опасност на нејзината унверзална вредност, да се вметне во листата на Светско наследство во опасност.“

Од владината делегација на конференцијата во Баку, Азербејџан, истакнаа дека дел од градбите се веќе стопирани, а дека интензивно се работи на сите останати забелешки кои претходно ги посочи УНЕСКО.

„Власта стави комплетна забрана за изградба на А3 патот, според препораките во членот 4, и планот за ски-центар на националниот парк Галичица. Нивото на водата од езерото е под постојан мониторинг. Сообраќајот во градот е ограничен и воведени се стриктни сообраќајни режими.“

Дел од активистите за заштита на животната средина сметаат дека и доколку охридскиот регион се прогласи за светско наследство во опасност, не значи дека Охрид ќе го загуби статусот „подрачје на УНЕСКО“, туку сметаат дека тоа е единствена шанса за негов опстанок.