УНЕСКО со нови барања на стотици страници за заштита на Охридскиот регион

Новиот извештај на УНЕСКО за состојбата со заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот регион, кој е напишан на стотици страници, е испратен до институциите во земјава.

Најголема забелешка и натаму останува прекумерната урбанизација, дивоградбите долж крајбрежјето и во заштитеното подрачје на градот, пренагласената експлоатација на крајбрежјето, нефункционалниот колектор, нарушувањето и уништувањето на животната средина, пишува „Охрид Њуз“.

Сериознен проблем и натаму останува неусогласеноста на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Се доцни со носењето на урбанистичките планови, како и со решавањето на депонијата Буково.

Она што најмногу загрижува е што најголемиот дел од овие забелешки се повторуваат во извештаите на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2009 наваму.

Откако Македонија официјално ќе го добие извештајот ќе има рок до крајот на јануари да испрати одговор со забелешки на содржината на извештајот и да започне со спроведување на препораките за да не се најде охридскиот регион на листата на загрозени подрачја.