Унгарија четирикратно го зголеми буџетот за набавка на оружје и воена опрема

Владата на Виктор Орбан планира да го зголеми буџетот за унгарските одбранбени сили, од овогодишните три милијарди, на повеќе од четири милијарди долари во 2023 година, што е четирикратно зголемување во споредба со 2014 година.

„Поголемиот дел од парите ќе бидат инвестирани во набавка на оружје и воена опрема. Ова ќе ја смести Будимпешта на самиот врв на Европа во однос на уделот на трошоците за одбрана во БДП, заедно со Грција и земјите кои граничат со Русија“, наведува порталот Балканска безбедност.

Се додава дека Владата му предложила на унгарскиот парламент вкупниот воен буџет за следната година да изнесува 4 милијарди и 150 милиони долари. За функционирање на Министерството за одбрана се планирани околу 1,9 милијарди, а за набавка на оружје и воена инфраструктура се предлагаат околу 2,25 милијарди.

Околу половина од тие пари ќе бидат наменети за набавка на оружје за копнените сили, околу 26 отсто за воздухопловните сили и воздушната одбрана, а остатокот за воената инфраструктура и други трошоци.

„Фактот дека Фондот за одбрана ќе биде поголем од официјалниот буџет покажува дека најголем дел од парите одат за инвестиции, што ја става Унгарија на прво место меѓу земјите-членки на НАТО во однос на учеството на овие трошоци во воениот буџет“, се вели во текстот.

Порталот потсетува дека Унгарија по долга пауза почна многу амбициозно да инвестира во одбраната во 2014 година, а тоа е поврзано со почетокот на украинската криза и процесот на заладување на односите меѓу Русија и Западот.

„На списокот на набавки има оклопни возила од секаков вид, тенкови, самоодни хаубици, пешадиско оружје, воздушно оружје, хеликоптери, транспортни авиони и дронови. Најважни партнери се Германија, САД, Чешка и Турција, но и Бразил и Шведска, има и фабрики за оклопни возила и пешадиско оружје“, се вели во текстот.

„Според проценките на НАТО, во 2021 година, Унгарија потрошила 2,5 милијарди долари за армијата и одбраната, од кои 37 отсто биле наменети за набавка на оружје. Споредено со предлогот од 2023 година, Унгарија четирикратно го зголемила воениот буџет за помалку од една деценија“, стои во текстот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.