Унгарија е подготвена да и’ помогне на Србија ако има мигрантски бран

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Питер Сијарто и понуди на Србија дополнителна помош во случај на зголемен притисок од мигранти.

„Ако на Србија и е потребна помош, тие знаат каде да не најдат“, рече Сијарто.

Шефот на унгарската дипломатија присуствува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Загреб, Хрватска.

„Интересно е што земјите што ја критикуваа Унгарија во 2015 година за преземените мерки за заштита на границите, сега ја поддржуваат Грција да го стори истото“, вели Сијарто.

Тој потсетува дека минатата недела во Белград разговарал со српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ за можната дополнителна поддршка на Унгарија во обезбедувањето на јужната граница на Србија од мигрантски бран.

„Унгарија е подготвена да зборува за тоа. Со смена, повеќе од 600 унгарски полицајци веќе служат на јужните граници на Србија и ние сме подготвени да обезбедиме дополнителна техничка поддршка“, вели Сијарто.