Унгарија е против новиот пакет санкции на ЕУ против Русија

Унгарија се изјасни против новиот пакет санкции против Русија на состанокот на амбасадорите на ЕУ во средата, пишува  „Фајненшл тајмс“, цитирајќи неименувани дипломати.

„Создаваат потешкотии секаде каде што можат. Станува прилично предвидливо“, изјави за весникот висок функционер на ЕУ.

Будимпешта, исто така, се спротивстави на предлогот да се удвои фондот на ЕУ за обезбедување оружје за Украина и други земји, се вели во публикацијата.

Некои дипломати изразија загриженост дека Унгарија ќе го искористи своето право да наметне вето против секоја одлука на ЕУ која бара едногласност. Еден висок дипломат на ЕУ за весникот изјави дека може да се очекуваат „радикални потези“. Будимпешта, исто така, може да стави вето на проширувањето на Шенген зоната без гранични проверки кон Хрватска, а можеби и кон Романија и Бугарија, пишува весникот.

На 7 декември, Европската комисија претстави уште еден пакет антируски санкции, при што речиси 200 физички и правни лица, три банки, четири ТВ канали и компании од одбранбената индустрија се планира да бидат на црната листа.